Фото: Илустрација

Започна откупот на тутунот во Прилеп

Во Прилеп започна откупот на тутунот од годинашната реколта. Четири компании од вкупно 10 регистрирани во земјава ги отворија вратите на откупните пунктови, меѓу нив Тутунски комбинат и Скотаб Битола.

Тутунопроизводителите кои денеска први донесоа тутун за проценка велат дека откупот започнал добро, дека им процениле прва и втора класа, но дека иако цените се зголемени по килограм тутун, сепак, не им ги покриваат трошоците. Според нив просекот на тутунот не треба да биде под 400 денари за килограм.

Добро упатените потенцираат дека годинава се намалени количествата на произведен тутун . Главно, тоа е поради цената. Младите змејоделци велат дека не им се исплати да работат со овие цени. Откупувачите, пак, потенцираат дека годинашнава реколта е договорена на над 25.000 тони, но оти според состојбите ќе биде помала.

Директорот на Тутунскиот комбинат Прилеп, Кире Станкоски, вели дека Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количества тутун и веднаш да ги исплати. Отворени се 20 пунктови во градот и населените места.

– Подготвени стартувавме. Почнавме на сите пунктови во градот и во населените места. Вкупно се отворени 20 откупни пунктови со 28 ваги.  Имаме околу 4.000 кооперанти. Очекуваме добра реколта. Исплатата ќе се врши веднаш по преземените количества. Бевме предводници на зголемувањето на цените по класи. Оваа година го извлековме максимумот, се надевам за догодина ќе се стабилизира економската ситуација, а со тоа и цените на тутунот – изјави Станкоски.

Од Државниот земјоделски иснепкторат велат дека од 10-те регистрирани откупувачи 8 ги исполниле критериумите за почеток на откупот, а четири започнале денеска. Од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија велат дека реално годинава ќе има околу 19.000 тони и сметаат дека е добро што се зголемени цените, кои колку-толку ќе ги амортизираат трошоците.

По класи, првата е 300 денари за килограм, втората 240, третата 180 денари и четврта 100 денари за килограм тутун.

Од Сојузот очекуваат дека до петок ќе се отворат сите 223 ваги, додека од Инспекторатот најавуваат дека ќе се следи откупот на тутунот. Инаку крајниот рок за да почне откупот на тутунот насекаде е 15 декември. Ка.М.