Фото: М.Т.

Теофил Шулајковски – Тофе се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти.Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика

Вчеравечер во Националната галерија Чифте-амам во Старата скопска чаршија, во присутво на голем број љубители на уметноста, колеги, блиски и роднини беше отворена голема ретроспективна изложба на познатиот македонски ликовен уметник Теофил Шулајковски-Тофе (Дебар, 1934– Скопје, 2009).

Беа изложени 137 акварели, од сите творечки фази на овој наш еминентен автор, а во селекцијата на делата учествуваа синовите на Теофил, Емил и Тони, кои исто така се сликари.

Изложбата, која е поддржана и од Министерството за култура, ја отвори директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими, која нагласи дека „ваквиот тип на ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција која над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања“.

– Теофил Шулајковски – Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти. Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Тој донекаде, сосема логично, ги наследува искуствата од просторите во кои се оформувале и неговите претходници, односно ги впива и искуствата од претходната основоположничка генерација. Невозможно е преку неколку стилски одредници, пренесени во куси црти, или со само една-две реченици да се дефинира огромното творештво кое Теофил Шулајковски – Тофе го остави зад себе – изјави Дита Старова Ќерими.

Маја Чакуловска Михајловска, виш кустос и куратор на изложбата, се осврна на целокупното творештво на Шулајквоски.

– Невозможно е преку неколку стилски одредници, пренесени во куси црти, или со само една-две реченицида се дефинира огромното творештво кое Теофил Шулајковски – Тофего остави зад себе. За почеток ќе истакнеме дека во историјата на македонската ликовна сцена Тофе Шулајковски се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со предзнакот акварел. Најраниот период, околу 1957 година го означуваат реалистични акварели со пејзажи на паркови (Скопскиот парк), архитектура (Маркови кули, Самоилова тврдина, Скопското кале), селска архитектура, цркви, па дури и речиси апстрактни пејзажи, со бои и тоналитет близок на македонското поднебје. Следи периодот кој соодветствува со анформелниот период на 1660-те години, кога создава дела со апстрактен предзнак, а во кои се насетува неговата лирска насоченост со заситени земјени тонови. Индивидуалниот и подоцна препознатлив и определен израз на пејзажист го оформува во следниот циклус од 1970-те години, кој е инспириран од воздухот и водата. Односот кон просторот некако природно се наметнува во 80-те години каде е нагласена флуидноста на просторот во парковите, пошироките пространства (некаде со форми на стара архитектура, многу ретко човечка фигура) и мочуриштата со трски (чии дури филигрански линии се карактеристично минуциозно присутни преку одвоени енергични потези). Од друга страна, пак, овие предели се претопуваат стануваат дури и апстрактно експресивни и контрастни, па дури и наговестуваат специфична надреална атмосфера. Од 1990 година започнува големиот циклус „Воскресение“ каде започнува специфична приказна на остварувања во кои се соочуваме со изразена тарнеровска драматика во судирот на светло-темните колористички пејзажи, се појавуваат комплексни композиции со мноштво фигури и архитектонски инспирирани од сакрални теми (ликови кои асоцираат на фрески и архитектура која асоцира на цркви). Таложењето на сето знаење за акварелот како определба, сите знаења од уметноста, историјата и историјата на уметноста, сите спомени, лични и цивилизациски, митови, легенди… се сублимирани како завршница на едно творештво во делата од последниот, досега непретставен циклус „Пештерски записи“, во кој доминираат заситени бои и мноштво асоцијативни фигури, изработени комбинирана техника (како основа на акварелот користи дрвофикс на хартија, со што ги поставува основите на композицијата) – рече Маја Чакуловска Михајловска.

Таа дополни дека значењето на Теофил Шулајковски за македонската историја на уметност го согледуваме и во неговата немирна истражувачка природа и желбата за внесување новитети во акварелот, со што придонесува кон оживувањето и подигањето на оваа ликовна дисциплина на современо рамниште.

– Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во експериментирањата и истражувањата на ликовните (па и техничките) можности на акварелот, со специфичен индивидуален авторски ракопис кој се согледува во начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво елементи, преку своевидно „ткаење“ на површината на сликата, со што го подига акварелот на сосема ново рамниште во ликовната уметност кај нас – нагласи Чакуловска Михајловска.

Во име на семејството се обрати неговиот син Емил Шулајковски, кој, видно возбуден рече дека ова е голем ден за сите кои го носат презимето Шулајковски, а е посветен на оние кои не се веќе меѓу нас.

За своето творештво Шулајковски е добитник на голем број награди и признанија, а негови дела се наоѓаат во приватни и јавни збирки во земјата и во светот.

Изложбата ќе биде отворена до 15 декември. М.Т.