Новото рангирање на Светската банка регистрира дека САД и Кина сè уште се најголеми економии во светот. Следуваат Јапонија, Германија, Индија… Значителен раст на БДП постигнаа и Бразил и Австралија…

Светската банка ја објави ранг-листата на државите според остварениот бруто-домашен производ (БДП)

САД и Кина сè уште се најголеми економии во светот. Интересно е дека и покрај санкциите, Светската банка ја рангира Русија во десетте најголеми економии, а меѓу земјите што минатата година имаа значителен раст на економската моќ се и Бразил, Аргентина, Мексико, Саудиска Арабија и Австралија. Ова го покажа новото економско рангирање на Светската банка, според податоците за бруто-домашниот производ (БДП) на земјите во 2022 година.
Економијата на САД останува најсилна, генерирајќи четвртина од светската економска активност. Американскиот БДП минатата година беше речиси 25,5 билиони американски долари. На второ место според БДП минатата година беше Кина, со национален производ нешто помал од 18 билиони долари. Според тоа, Кина е најголемата азиска економија.
Третото место и натаму го држи Јапонија, чиј БДП минатата година изнесуваше нешто повеќе од 4,2 билиони долари. Германија и Велика Британија се најсилни во Европа. Четвртото место во светот и првото во Европа и понатаму ѝ припаѓа на Германија, чиј БДП минатата година изнесуваше речиси 4,1 билиони долари. Индија остана на петтото место во 2022 година. Нејзиниот БДП минатата година беше речиси 3,4 билиони долари и беше поголем од оној на Обединетото Кралство. Британскиот БДП минатата година изнесуваше нешто помалку од 3,1 билиони долари и беше втор по големина во Европа.
Француската економија е седма во светот и втора во ЕУ со 2,8 билиони долари. На осмото место според големината на економијата минатата година беше Русија, која во 2021 година не беше ниту меѓу првите 10 најголеми економии во светот, бидејќи го држеше 11-то место. Рускиот БДП во 2022 година, според податоците на Светската банка, изнесуваше нешто повеќе од 2,2 билиони долари, додека во 2021 година беше помалку од 1,8 билион долари. И покрај санкциите, Русија успеа да ја престигне Италија, која минатата година, со БДП од нешто повеќе од два трилиони долари, падна на 10-то место во светската ранг-листа според големината на економијата. Една година претходно беше на осмото место.
Растот на Русија на глобално ниво не треба нужно да се поврзува со санкциите што Западот ги воведе кон Москва, смета Љубо Јурчиќ, почесен професор на Правниот факултет во Загреб и поранешен хрватски министер за економија,
– Русија во голема мера го зголеми своето производство на оружје, а тоа производство сега претставува голем дел, можеби 10 отсто, од нејзиниот БДП. Покрај тоа, имаме и високи цени на нафтата. Русија е голем производител и извозник на овој енергетски производ. Таа минатата година значително ја зголеми трговијата со земјите во развој, кои не воведоа санкции, објаснува Јурчиќ за „Еурактив“.
Деветтото место на светската ранг листа на најголеми економии минатата година го задржа Канада, чиј БДП лани изнесуваше нешто повеќе од 2,1 билиони долари. И Канада успеа да ја надмине Италија според големината на нејзината економија.
Бразил го зазеде 11-то место во 2022 година, чиј БДП надмина 1,9 билион долари. Во 2021 година, Бразил беше рангиран на 12-то место на светската ранг-листа на најголеми економии.
Австралија се искачи на 12-то место, со БДП што достигна речиси 1,7 билион долари минатата година. Дел од причината за тоа, според економистите, лежи во зголемената побарувачка за австралиски суровини на светскиот пазар.
Освен Русија, Бразил и Австралија, голем скок на глобалното економско рангирање забележаа уште неколку земји. Меѓу нив треба да се издвои Мексико, чиј БДП лани надмина 1,4 билион долари, што ја рангираше таа земја на 14-то место во светот. Една година претходно Мексико беше на 15-то место.
Економски напредок има и во Саудиска Арабија, чиј БДП во 2022 година изнесуваше повеќе од 1,1 билион долари. Според новото рангирање на Светската банка, оваа земја богата со нафта сега е 17-та во светот по големината на својата економија, додека во 2021 година беше 18-та.
Уште поголем скок забележа Аргентина. БДП на Аргентина во 2022 година изнесуваше околу 633 милијарди долари, што ја рангираше земјата на 22-то место според големината на економијата во светот. Една година претходно, Аргентина се најде само на 27-то место.
Јужна Кореја повеќе не е меѓу првите 10 најголеми економии во светот.
Покрај веќе споменатата Италија, која сѐ уште е меѓу првите 10 светски економии, пад во рангирањето забележа и Јужна Кореја.
БДП на Јужна Кореја во 2022 година беше нешто помалку од 1,7 билион долари, што ја прави јужнокорејската економија 13-та по големина во светот. Една година претходно беше на 10-то место. Е.Р.