Фото: Игор Бансколиев

Според соговорниците, неопходно е повторно да се разгледа прашањето за „промена на политиката на цените за основните прехранбени продукти, бидејќи ваквите мерки даваат резултат само на ограничен период, додека на подолг период ќе се појават други аномалии на пазарот“

Зошто граѓаните изразуваат незадоволство од ограничувањето на цените за основните
прехранбени продукти

Замрзнувањето на цените на 25 групи основни производи наместо да го олесни патот на граѓаните при пазарењето, ги однесе во лавиринт. Тие се надеваа дека со мерката од една страна ќе запре трендот за пораст на цените на прехранбените продукти, а пак од друга страна наидуваат на празни рафтови за одредени продукти.

Анкета: Драстично се редуцира понудата на одредени производи

Потрошувачите велат дека многу често се случува по маркетите да има изложено малку производи од одредени продукти, што е особено изразено по т.н. маалски продавнички. Според анкетата со граѓаните, во врска со намалувањето на понудата по маркетите, тие велат дека тоа е за производите како што се: јајца, брашно и овошје и зеленчук.
Паралелно, потрошувачите се жалат дека некои од производите што не влегоа во групата со гарантирани цени се поскапени драстично. Козјото сирење од 350 денари за килограм, сега чини 440 денари, јогурт од кравјо млеко со 0,9 отсто масленост од еден литар чини 90 денари.
Некои од граѓаните отворено изразија сомневање дека поради замрзнувањето на цените, одредени продукти се чуваат по магацините до истекот на мерката на 30 ноември. Други, пак, велат дека со тоа што нема големи количества одредени продукти, бараат замена на производот со друг што не е по намалена цена, и всушност затоа и ги покачуваат продуктите што не влегуваат во групата замрзнати производи.

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат „под полна пареа“ на теренот, има ли ефекти?

Инспекторите, пак, во овој период реализирале повеќе од 550 контроли, при што затвориле маркети во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и во Струга. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, вели дека целта не е компаниите да бидат затворени, туку да се почитуваат одлуките. Трајковски, кој апелира до трговците да покажат општествена одговорност, е дециден дека нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата.
– Веројатно дека некои од трговците сакаат загубата што ја имаат на замрзнатите цени да ја надоместат со зголемување на маржите на незамрзнатите цени на други артикли и дека замрзнувањето на цените доведува до недостиг на артиклите на рафтовите што се со гарантирани цени сме виделе и порано. Тогаш Владата донесе одлука со која ги задолжи трговците да продаваат минимум количества на производи што имаат замрзнати цени. Сето тоа е „игра без граници“, која ќе продолжи и понатаму, бидејки трговците се обидуваат да ја намалат загубата што ќе се појави кај овие артикли – објаснува Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Тој вели дека во вакви услови прашање е колку пазарната инспекција има капацитети да врши редовни контроли и да презема мерки за почитување на законот.
Според него, ваквите мерки даваат резултат само на ограничен период, додека на подолг период ќе доведе до други аномалии на пазарот, што, пак, ќе го почувствуваат купувачите.
– Владата на подолг период мора да размислува за промена на политиката на цените за основните прехранбени продукти. Најправична мерка е замрзнување на маржите на трговците на големо и мало, затоа што ограничувањето на цените на производителите може да доведе до пад на производството и поголем недостиг од овие артикли. Добра беше мерката за намалување на царинските стапки на некои артикли, бидејќи ако нашето производство на овие артикли е многу мало, тогаш никакви големи царински давачки нема да можат да го зголемат нашето производство, освен што ќе ги зголемат цените на овие артикли – укажува Димитров.

Димитров: Замрзнувањето на цените е мерка за „гаснење на пожарот“,
а причините за растот на цените се многу подлабоки

Претседателот на Собранието на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека намалувањето на нашето земјоделско производство не е поради големата конкуренција од производителите од странство, туку поради неадекватните субвенции, стареењето на земјоделските работници, заминувањето на младите во странство, ниската примена на агротехнички мерки, ниските приноси по единица површина и други проблеми што нема да можеме да ги решиме со зголемување на царинските давачки.
– Замрзнувањето на цените е мерка за „гаснење на пожарот“, но причините за растот на цените се многу подлабоки и треба да се бараат во неусогласеноста на понудата и побарувачката на овие стоки. Очигледно дека инфлацијата сѐ уште е присутна и потребно е многу мудро балансирање помеѓу монетарната и фискалната политика. Залудно би било зголемување на каматните стапки, кои ќе доведат до пад на инвестициите и економскиот раст, кога од друга страна со популистички мерки би ги подгревале потрошувачката и растот на цените – потенцира Димитров.
Тој вели дека во економијата нема „бесплатен ручек“, зголемувањето на платите, кое не е поткрепено со раст на продуктивноста, поголемо производство и извоз, неминовно води кон инфлација.
– Тоа што некои граѓани не се задоволни од мерките е очекувано, затоа што поскапувањата беа многу високи и намалувањето не се чувствува значително на нивниот семеен буџет. Од друга страна, пак, не сите трговци ги почитуваат одлуките на Владата, затоа граѓаните се повикуваат ваквите согледани неправилности да ги пријавуваат кај Државниот пазарен инспекторат, на бројот 191, воведен специјално за оваа намена. Државниот пазарен инспекторат треба да реагира по барање на граѓаните и за секоја согледана неправилност мора да реагира во согласност со прописите – истакнува претседателката на Организација на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова.
Како што вели таа, во однос на мерките, како организација барале замрзнување на цените на основните прехранбени производи, на што им било одговорено позитивно од страна на ресорното министерство и Владата.
– Беа донесени соодветни одлуки со кои се замрзнуваат цените на повеќе од 25 групи на основни производи со намалување од 10 отсто на референтната цена од 1 август оваа година, со исклучок на јајцата и оризот, за чие намалување од 10 отсто се зема референтна цена од 1 септември. Сметаме дека таму каде што мерките се почитуваат и трговците одговорно се однесуваат, потрошувачите ја согледуваат ползата од замрзнувањето и намалувањето на цените. Во почетокот на рафтовите немаше одредени производи, но сега веќе почнува да се стабилизираат доставувањето и продавањето по утврдените цени – појаснува Маријана Лончар Велкова.