Донесениот ребаланс на буџетот предизвикува низа реакции во стручната јавност. Кој добива, а кој губи, каде се кратат најмногу пари и кои гранки ќе бидат најпогодени, какви ќе бидат ефектите генерално врз економијата, капиталните инвестиции, стандардот итн. се само некои од прашањата на кои побаравме одговори од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ и од Организацијата на работодавачи на Македонија
Ребалансот на буџетот под лупа на аналитичарите
Владата го усвои ребалансот на буџетот за 2022 година. Ребалансот се донесува во целосно променети макроекономски услови, главно последица на воената криза во Украина, што предизвика пониски изгледи за растот на европскиот континент, па оттука и во Македонија, како и значајно зголемување на цените на енергентите и примарните производи, што започна да се пренесува и врз пошироката потрошувачка кошничка.
Со ребалансот на буџетот се предвидени повеќе пари за плати и надоместоци, но и за патни и дневни трошоци, договорни услуги. Значајно се зголемува и ставката договорни услуги, и тоа за 35 милиони евра, а расте и ставката за субвенции, без да се води сметка за ефектот што го даваат. И со овој ребаланс најмногу настрадаа капиталните инвестиции. Капиталните расходи се кратат за околу шест милијарди денари и се на ниво од 32,2 милијарди денари. Ребалансот на буџетот ги ревидира и макроекономските проекции, и тоа 3,2 отсто раст на БДП за 2022 година и 7,2 отсто раст на трошоците за живот.
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, ребалансот на буџетот е одговор на кризата, но потребна е поголема консолидација на тековните трошења за да не влијае проинфлаторно, додавајќи дека потребата од средства во овој буџет од околу 900 милиони евра, од кои околу 700 милиони евра тековен дефицит, треба да се задоволи доминантно од странски извори, со цел поголема поддршка на девизните резерви, и тоа примарно од концесионални кредитори.
– Проекциите за растот на БДП се оптимистички, односно проектираната стапка на раст е на горната граница со значајни изгледи да биде пониска, додека проектираната стапка на инфлацијата е на долната граница со значајни изгледи да биде повисока. Во номинална смисла, земајќи ги заедно реалниот раст на БДП и растот на цените, што служи како основа за процена на буџетските приходи, проекцијата за нивен раст во моментов е коректна и главно се должи на порастот на цените, кој придонесува најмногу за пораст на приходите од ДДВ – проценуваат од „Фајненс тинк“.
Ребалансот на буџетот предвидува проширување на буџетскиот дефицит на 5,3 отсто од БДП, оттаму велат дека и во услови на дополнително забавување на растот на БДП, тој ќе биде надминат, иако кризни околности може да бидат оправдување за поголемо буџетско трошење и зголемување на јавниот долг, сепак сегашниот контекст е многу поразличен од тој во пандемиската 2020 година, сега забавувањето на растот е придружено со изразени притисоци врз цените, главно предизвикани од глобалните случувања.
– Ребалансот на буџетот предвидува пораст на расходите за плати за 1,7 отсто, на стоките и услугите за 11,4 отсто и на блок-дотациите (кои содржат исплати на плати на општинско ниво) за 4,7 отсто, во однос на иницијалната проекција, а во однос на реализацијата од 2021 порастот е уште поголем. Овие зголемувања, особено во делот на стоките и услугите, не ја одразуваат (или ја затскриваат) објавената намера за кратење на непотребни и непродуктивни расходи и расходи што може да се одложат, иако дел од зголемувањето е наменето за покривање на енергетските трошоци во јавниот сектор. Сепак, особено загрижувачки е порастот на расходите за субвенции и трансфери во износ од 40,5 отсто во однос на иницијалната проекција, од што значаен дел се оправдува со субвенционирањето на енергетската потрошувачка. Но најголем дел од субвенциите остануваат недоволно насочени и не отстрануваат структурни слабости, вклучувајќи и поддршка на забрзана зелена транзиција – укажуваат од „Фајненс тинк“.
Вториот значаен дел што го генерира овој пораст, споменуваат оттаму, е пренасочување средства во субвенционирање на растително производство, со цел намалување на евентуална појава и последици од кризата со храна.
– Сепак, сметаме дека се неопходни дополнителни прецизирања за начинот на кој овие субвенции се фокусираат на приносите, односно аутпутите од производството (принос од хектар) наместо инпутите во производството (единица засеана површина). Во другиот дел, растот на ставката субвенции и трансфери се должи на субвенционирањето на порастот на платите и на минималната плата во обем од 44 отсто во однос на иницијалната проекција, што во тековните околности може да поттикне дополнителен притисок врз цените од страна на потрошувачката, а на товар на буџетскиот дефицит и јавниот долг – посочуваат од институтот.
Во однос на намалувањето на планираните капитални инвестиции, од „Фајненс тинк“ велат дека е очекуван потег и шема на приспособување на буџетот со секој ребаланс во претходната деценија.
– Тоа не е поврзано со кризата и променетите околности, туку со нереалното почетно планирање на капиталните расходи. Во сегашните околности, важно е и овие скратени капитални расходи да се реализираат во целост, но според претходните искуства тоа, најверојатно, нема да се случи, бидејќи просечната реализација на капиталните расходи во однос на последниот ребаланс во претходните години беше околу 75-80 отсто – појаснуваат надлежните од институтот.
И претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска, вели дека неприфатлив чекор е кратењето на предвидените средства за капитални инвестиции за сметка на покривање на трошоците за повисоки плати за администрацијата и повисоки пензии.
– Буџетот се зголемува перманентно, а инфраструктурно одиме во надолна линија, администрацијата наместо да се намалува, како бројка оди во нагорна линија, а јавниот долг е повеќе од половина од БДП. Единственото можно решение е кратење на целокупната јавна потрошувачка и стимулирање на инвестициите. Ги споменувам инвестициите бидејќи е докажано дека инвестирањето во време на криза секојпат подоцна дава позитивни резултати. Ние треба да инвестираме во енергетски системи и во инфраструктура, која, пак, на стопанството ќе му даде простор за поедноставно функционирање – споменува Трајкоска.
Таа смета дека генерално со ребалансот на буџетот нема да има значително олеснување на економската ситуација, туку напротив, дополнително финансиско оптоварување.
– Ребалансот на буџетот на една држава во која не е направена никаква суштинска економска промена, туку префрлање на средствата насочени за една цел, во друга, или задолжување на државата за субвенционирање на одредени непредвидени трошоци на државата може да поттикнат исклучиво дополнително финансиско оптоварување – истакна Трајкоска.