Фото: Маја Јаневска-Илиева

Усогласување со одредено линеарно зголемување не е решение. Ние сакаме да дефинираме методологија за зголемување на платите во јавниот сектор која ќе биде базирана на продуктивност и ефикасност, како што тоа го бараме во приватниот сектор, а секако и со нов закон за плати во јавнот сектор, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На новинарско прашање дали, согласно Законот за минимална плата, ќе се усогласат платите со порастот на минималната во законскиот рок од шест месеци  кој истекува, Битиќи одговори дека процесот на усогласување бил прекинат со одлуката на ССМ да штрајкува.

– Ние почнавме процес на усогласување и процес на дискутирање за новиот Општ колективен договор со Сојузот на синдикати. За жал, тој беше прекинат зашто ССМ влезе во штрајк. Деновиве ќе ги повикаме да се вратат за до крајот на годината да потпишеме Општ колективен договор затоа што веруваме во одржливо, а не во ад хок решение – изјави Битиќи.

Вицепремиерот посочи дека и законот за плати и методологијата за зголемување на платите е веќе во процедура по министерствата, а дополнително, во подготовките за буџетот веќе почнуваат, рече, „да ги гледаме реалните можности до кое ниво можеме да одиме со новата методологија за плати“.

-Треба да седнеме со Сојузот на синдикати да зборуваме за одржливо решение и одржлив механизам, додаде Битиќи во изјава за медиумите по конференцијата на која беше промовиран извештајот на ОЕЦД  „Човечки капитал, миграција и како да ја обликуваме иднината заедно“.