Фото: Маја Јаневска - Илиева

Иако овие две години се вратени 4,6 милијарди евра стари долгови, државата, сепак, проектира економски развој, буџетот се полни со предвидената динамика, а долгот е намален како процент од БДП. Воедно, се справивме и со најголемата енергетска криза во поновата историја – вели премиерот Христијан Мицкоски.

Во интервју за „Каде се парите“, Мицкоски нагласи дека Владата успешно се справи со најголемата енергетска криза во поновата историја на човештвото.

– На дневна основа комуницирам со институциите што се задолжени да го полнат буџетот, вклучително и со министерката за финансии, имам јасен преглед што се случува, како се случува и во каква состојба сме и каква состојба требаше да исправаме, а која ја наследивме пред 2 години кога бевме избрани како влада. Апсолутно сите да бидат спокојни, буџетот се полни со динамиката што е предвидена – додава премиерот Мицкоски.

Тој појасни дека моментната ситуација со буџетот е многу подобра отколку во претходните години и покрај тоа што се враќа солидарниот данок на минатата влада поради одлуката на Уставниот суд.

– Заклучно со 15 јуни, реализацијата на буџетот е приближно 43 % бидејќи на 15-ти се исплаќаат сите оние персонални даноци, сите пријави што се однесуваат на платите и така натаму, на 25-ти се исплаќа ДДВ. Второ, не го гледате нетираниот солидарен данок од речиси една и пол-две милијарди, кој ние го нетиравме со компаниите, односно по одлуката на Уставниот суд, ние го вративме. Кога ќе го додадете нетираниот солидарен данок, ќе дојдеме со бројка над 44 %. Во следното полугодие од годината, тоа се седмиот и десеттиот месец, ние ќе го наплатиме тримесечниот данок на додадена вредност, а во првото полугодие од годината само во април го наплаќаме. И, конечно, доаѓаме до декември, најчесто се исплаќаат сите даноци, бонуси, дивиденди и така натаму и тогаш по правило собирањето даноци на крајот на годината е практично најголемо. Така што, апсолутно оваа состојба не ме загрижува, туку, напротив, таа е многу подобра отколку што беше во годините претгодно – изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека хистерија креваат личности блиски до СДСМ и политичари што ја доведоа државата во тешка состојба, кои сега гледаат како оваа Влада успеа да се справи со кризата и да обезбеди стабилно снабдување со нафтени деривати не само за македонските граѓани туку и за граѓаните на соседните држави.

– Хистеријата што ја рефлектираат во јавноста одредени аналитичари блиски до СДСМ и некои политичари што ја доведоа Македонија во оваа состојба, кои порано имаа допирна точка со економијата и финансиите, не ме загрижува, туку ме охрабрува, затоа што таа хистерија е соодветна на луѓе што го изгубиле тлото под нозете, во паника се и гледаат дека и покрај сите кризи, ние успеавме како држава, без да очајуваме, без да држиме панични прес-конференции, како што тоа беше случај во соседството, да се справиме на еден мирен начин, да обезбедиме стабилно снабдување на граѓаните и бизнисот со нафта и нафтени деривати, да успееме да обезбедиме стабилно снабдување и за граѓаните на соседните држави. И, конечно, да дојдам до мојата поента имајќи го предвид сето она што го презедовме на почеток – намалено ДДВ, потоа намалена акциза, и да ги имаме овие наплати, тоа е голем успех – потенцира премиерот Мицкоски.