Фото: Игор Бансколиев

Експертите повикуваат

Македонија доцни со обновата на железничките линии на своја територија, а нема ниту некакви планови како да се реализира евентуална брза железничка линија кон Грција, нешто слично како што Србија веќе направи поврзувајќи се со Унгарија.
Во земјава возовите се движат со просечна брзина нешто над 50 километри на час, а зад нас е единствено Албанија, каде што просечната брзина на возовите е 27,6 километри на час. Најбрзите возови во Европа ги има Шпанија, со просек од 199,4 километри на час.
Сите овие податоци говорат дека Македонија мора да поработи на обнова на железничката инфраструктура доколку сака да биде дел од европската железничка мрежа, во спротивно може да остане само слепо железничко црево на Балканот.
Во таа насока е и укажувањето на економистот Дамир Новотни, кој смета дека треба да се почнат сериозни разговори во насока на обнова на железничкиот сообраќај.
– Многу е важно да се почне со обнова на железничкиот сообраќај. Во таа насока, многу е поважен коридорот што се движи од Грција, преку Македонија, потоа низ Србија до Унгарија. Тој коридор веќе се обновува – вели Новотни.
Тој, коментирајќи го отворањето на Пељешкиот мост во Хрватска, вели дека овој мост е дел од Јадранско-јонската магистрала за која се говори со децении, но која сè уште не е остварена.
Новотни апелира да се работи на железничката инфраструктура.
Пред извесно време тим на „Македонски железници – транспорт“ АД Скопје им предложи на „Грчките железници“ да се воведат возови на релацијата Скопје – Солун, со можност во летниот релацијата да биде продолжена до Платамона, како и за железничка врска Битола – Солун преку Лерин.
Но очигледно нема интерес за вакво нешто од грчка страна, кои куртоазно ја одбија понудата, со образложение дека за такво нешто би можело да се разговара во февруари или март следната година, кога би се доекипирале со машиновозачи, кои им се дефицитарни.
По информациите од Министерството за транспорт дека пругата Битола – Кременица ќе биде готова до крај на ноември, од „МЖ транспорт“ предложиле да се пушти локален воз на релацијата Битола – Лерин, кој првично би го користеле грчките државјани, кои сè почесто го посетуваат југот на државата.
– Грците имаат воз од Лерин до Солун, а ние од Скопје до Битола. Значи, да седнеме и да се договориме да ги поврземе нашите локални возови, на пример ако нашиот воз во Битола стигнува во 10.15 часот, во 10.30 да тргнува за Лерин. Кога ќе стигне во Лерин, по приближно 15-20 минути да тргне нивниот локален воз за Солун и така би имале железничка врска Битола – Солун преку Лерин – појаснуваат од „МЖ транспорт“.
Истовремено се прават напори и да се најде решение за опстојување и во зимскиот период на возот на релацијата Солун – Белград, кој транзитира низ Македонија и е единствено железничко поврзување со Европа. Во текот на зимата, таа линија е нерентабилна и има малку патници поради долгото патување и старите вагони. Според сегашните предлози на „Грчката“ и „Српската железница“, возот би сообраќал до 30 септември.
Во октомври оваа година, Македонија како домаќин на регионалната средба за патнички сообраќај на Југоисточна Европа има можност одново да ги актуализира идеите за подобро железничко поврзување, особено со Грција. Е.Р.