Фото: Принт скрин Влада

Премиерот Димитар Ковачевски денеска соопшти дека и идната година ќе продолжи субвенционирањето на електричната енергија за да не се дозволат ценовни шокови.

Според Ковачевски, непречено снабдување со струја мора да се обезбеди, но и цената треба да биде издржлива.

– Во Европа веќе има голем број бизниси од индустриските сектори кои не функцуионираат. Ние не сакаме да дозволиме тоа да се случи и кај нас иако ни претстои исклучително тежок период – истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по седницата на Советот за безбедност.

Премиерот уште еднаш кажа дека до почетокот на ината година нема да има поскапување на струјата, но, ако се подгледнат сите влезни параметри, нагласи, на сите им е јасно дека цените од идната година ќе бидат во пораст.

– Идната година државата повторно ќе ја субвенционира електричната енергија и нема да дозволи ценовен шок – подвлече премиерот.

До 300 милиони евра во наредните два квартала ќе бидат потребни за реализација на владиниот план за непречено обезбедување електрична енергија, рече тој.

Како што рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања, калкулациите се веќе направени, а дел од средствата се и обезбедени.

– Сигурно ќе има потреба од финансиски средства до 300 милиони евра во наредните два квартала со цел да обезбедиме електрична енергија по субвенционирани цени за граѓаните и малите потрошувачи. Веќе разговаравме и со Бугарија за обезбедување базна енергија за стопанството – истакна Ковачевски.

Планот поддржан од Советот за безбедност предвидува државата да ги подготви сите ресурси за максимално производство на сопствена енергија, со цел во најтешкиот период кој почнува на 1 октомври и ќе трае до почетокот на летото, на сите граѓани, ученици, студенти, средни, мали и микро бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.