Фото: Игор Бансколиев

Тревогата од Кризниот штаб при Стопанската комора за поддршка на бизнисите од тешката енергетска криза сѐ погласна

Енергетската криза почна да го зема данокот меѓу компаниите. Кризниот штаб на Стопанската комора неодамна побара итна средба со Владата, на која требаше да бидат презентирани предлог-мерките за поддршка на бизнисите од тешката енергетска криза, но наместо брза реакција од страна на Владата, средбата беше одложена за неколку дена, поради допрецизирање на договорите потребни за непречено снабдување и работа на електроенергетските капацитети во државата. Сето ова најдобро говори дека надлежните сѐ уште не се во кондиција за да влезат во костец со енергетската криза и, иако имаат некаква стратегија, тие како сè уште да немаат тактика како да им помогнат на компаниите

Последиците од енергетската криза почнаа сè посилно да се чувствуваат, што резултира со гаснење на електричните печки на „Еуроникел индустри“, поранешно „Фени“, што е доволен аларм за Владата дека и големите компании не можат да издржат ниту ден повеќе со толку високи цени на струјата.

Проблемот е што високите цени на струјата не можат да ги издржат ниту компании од поголем калибар, а не, пак, малите, кои веќе најавија отпуштања на работниците и ставање клуч на врата ако државата не направи нешто.

Од тие причини, неодамна Кризниот штаб на Стопанската комора на С Македонија побара итна средба со Владата, на која требаше да бидат презентирани предлог-мерките за поддршка на бизнисите од тешката енергетска криза, но наместо брза реакција од страна на Владата, средбата беше одложена за неколку дена поради допрецизирање на договорите потребни за непречено снабдување и работа на електроенергетските капацитети во државата.

Сето ова најдобро говори дека надлежните не влегоа подготвено во енергетската криза, иако најавите дека ќе дојде до криза во енергетскиот сектор пристигнуваа уште кон крајот на минатата година.

Сега, кога е прашање на часови која компанија колку може да издржи, секое одложување од страна на Владата е погубно за бизнисот и ќе придонесе до уште поголеми загуби за компаниите и нови затворања, што, во краен случај, ќе се одрази негативно и врз македонското стопанство и граѓаните.

А дека доаѓаат тешки времиња за стопанството беше јасно уште на почетокот на пандемијата на ковид-19, поради што Стопанската комора на Македонија во март 2020 година формира кризен штаб што 24 часа ќе ја следи состојбата за да може навреме да алармира за сите проблеми со кои се соочија компаниите. Кризниот штаб тогаш работеше во насока на наоѓање решенија како да се спасат компаниите во време на затворени граници поради пандемијата, а денес истиот кризен штаб се обидува да излезе пред Владата со свои решенија предложени од повеќето компании и членки на Комората за решавање на проблемот со скапата електрична енергија.

Но наместо средбата да се одржи неколку месеци порано, таа и сега, кога е задоцнета, повторно дополнително се одложува, бидејќи повеќе од очигледно е дека владиниот тим сè уште нема јасна претстава дали, од каде и по која цена ќе ги обезбеди потребните количества електрична енергија.

Од Кризниот штаб при Стопанската комора се надеваат дека оваа средба со владиниот тим ќе се одржи во најскоро време, односно уште денеска, бидејќи итноста на ситуацијата налага таа да се одржи што поскоро, за да не дојде до гаснење уште на некоја печка.
– Владата требаше на 28 септември да ни соопшти која ќе биде поддршката за компаниите во првата фаза, врз основа на она што го понудивме ние како пакет на решенија, а кој беше изработен врз основа на предлозите на нашите членки, меѓу кои има и големи компании. Од Владата ни рекоа дека заради допрецизирање на договорите со тие што преговараат за набавка на електрична енергија по повластена цена, средбата се одложува за неколку дена – велат од Кризниот штаб.

Тие појаснуваат дека и натаму до нив пристигнуваат барања од компаниите, во најголем дел за олеснувања за поставување фотоволтаици.
– Очекуваме дека Владата ќе ни излезе во пресрет, искрено се надеваме на тоа, но ќе видиме што ќе биде. Ни рекоа дека средбата ќе се одржи за неколку дена, но ние се надеваме дека таа средба ќе се одржи уште денеска, бидејќи ситуацијата е ургентна и нема време за чекање – порачуваат од Кризниот штаб на СКСМ.