Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Пензионерите на протест

Покачување на минималната пензија со минималната плата и линеарно зголемување на сите пензии побараа пензионерите на вчерашниот протест во Скопје. Изминатата недела пензионерите од другите градови излегоа со барање за покачувањата на пензиите да бидат линеарни, односно за сите пензионери да бидат по 3.500 денари, на секое покачување.
Учесниците во протестите посочуваат дека моменталната висина на пензиите не е доволна за пристоен живот. Тие сметаат дека процентуалното покачување на пензиите мора да се замени со линеарно, бидејќи јазот меѓу најниската и највисоката пензија е многу голем. Пензионерите со помали примања изразија разочараност што нема поддршка од Сојузот на здруженија на пензионерите на државно ниво.
– Со моменталната пензија не можеме да издржиме, ништо не останува од овие пари што ги земаме. Струјата е покачена, парното е покачено, вода и телефони, а за храната да не зборуваме. Бараме да се покачи пензијата и да биде најмалку 20.000 денари – велат повеќето од анкетираните пензионери со кои разговаравме вчера во Скопје.

Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија е за системско и долгорочно решавање на проблемот

Во врска со протестите на пензионерите со ниски пензии, извршниот одбор на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (СЗПМ) на седницата одржана на 7.8.2023 излезе со свои заклучоци. Имено, Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, претставуван од Станка Трајкова, претседателка на извршниот одбор на СЗПМ, во континуитет ги следи и ниските пензии и сите прашања во врска со правата на пензионерите, како граѓанска организација, ги решава по институционален пат со давање иницијативи, предлози и мислења до надлежните органи во државата.
Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 отсто од први март 2023 година и очекувано усогласување од околу 6 отсто од први септември, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15 отсто. Групи на незадоволни пензионери бараат поголемо усогласување на ниските пензии односно линеарно усогласување на сите пензии.
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензија и затоа подготви предлози за зголемување на најнискиот износ на пензија, кои ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика. СЗПМ смета дека предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на фондот на ПИОМ.
Во врска со линеарното усогласување, се истакнува дека линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји.

Каков е ставот на Министерството за труд и социјална политика

Во согласност со најавеното покачување на пензиите од 6 отсто за септември, најголемо покачување од 1.620 денари ќе добијат корисниците на воена пензија, додека најниско покачување на пензиите ќе добијат земјоделците – 588 денари. Според новата методологија, корисниците на старосна пензија ќе добијат покачување од 1.233 денари, додека покачувањето на инвалидската пензија ќе изнесува 1.018 денари.
Според последните ажурирани податоци на страницата на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), од април 2023 година, корисници на воена пензија се вкупно 850 лица, додека само 56 лица се корисници на земјоделска пензија.
Приматели на инвалидска пензија се вкупно 27.701 лице, кои треба да добијат покачување од 1.018 денари, додека најголемиот дел пензионери односно оние што се во категоријата на просечна старосна пензија – 230.631 лице ќе добијат плус 1.233 денари.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека, според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, нема основа за линеарно усогласување на пензиите, а такво усогласување не постои ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји.
– Тоа нѐ навраќа во 2014 година, кога редовното законско усогласување беше ставено надвор од сила и се вршеше линеарно усогласување во фиксен износ од 600 денари еднаш годишно – велат од МТСП.
Од ресорното министерство велат и дека во комуникација токму со Сојузот на пензионери, утврдена е методологија со комбиниран модел од 50 проценти раст на просечната плата и 50 проценти пораст на трошоците за живот.
– За сметка на оваа нова методологија, пензиите растат во континуитет. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Во септември 2022 година – 6,8 отсто, во март 2023 година 8,4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година предвидува покачување од најмалку 6 отсто – истакнуваат од МТСП.
Вкупниот број корисници на пензија во Македонија, според последните податоци од април на ПИОМ, изнесува 333.882. М.Ј.