По повод донесувањето на државниот Буџет за 2023 година и Законот за негово извршување, ВМРО-НП до Владата достави предлози кои, според пратеникот од оваа партија Љупчо Балкоски, ќе придонесат за поинтензивен економски и општествен развој при спроведувањето на Буџетот.
Еден од предлозите, како што информира Балкоски на денешната прес-конференција во Собранието, е формирање на Министерство за млади, кое преку систем на мерки и закони ќе обезбеди можности за младите и услови за образование и студирање, вработување во државни институции, во земјоделството, отпочнување на сопствени работи, како и обезбедување на можности за домување.
Дел од предлозите се и формирање Министерство за туризам, предлог на нови национални паркови, заштита на Преспанското Езеро преку изградба на хидросистем, определување и проектирање на главни патни оски во државата, донесување на Акциски план на Министерството за култура и формирање на Координативен центар за Скопје – Европски град на културата за 2028 година.
– Определените и доставени предлози до Владата ќе придонесат за повисоко ново на активност и одговорност на државните институции и основа за планиран и зголемен економски развој и потенцирано промовирање на Република Северна Македонија пред европската јавност во состојба на почеток на преговорите за членство во ЕУ – заклучи Балкоски.