Европа буквално ни ги граба младите и квалитетни кадри, државата не наоѓа вистинско решение како да ги задржи и да ги мотивира за да останат тука и своето знаење да го вложат во развој на државата, предупредува бизнис-заедницата
ЕЕСК со препорака до владите во регионот
Процентот на млади луѓе што продолжуваат да ја напуштаат Македонија и шансата за подобар живот да ја бараат надвор и натаму да расте, а причините за овој негативен тренд се бараат во севкупните состојби во земјава, партизацијата, нефункционалните институции, корупцијата, лошото образование, здравството и редица други негативни состојби поради кои младите сè повеќе бегаат.
И додека бизнисмените тука алармираат дека Европа буквално ни ги граба младите и квалитетни кадри, државата не наоѓа вистинско решение како да ги задржи и да ги мотивира да останат тука и своето знаење да го вложат во развој на државата.
– Порано Европа од тука го грабаше најквалитетниот кадар, но сега, кога и кај нив има недостиг од работна сила, земаат буквално сè, па дури и послабо квалификувани луѓе. Затоа е потребно државата да разработи стратегија како да ги задржиме младите тука, да се образоваат и да останат да работат тука, но за тоа треба да им се обезбедат услови – велат дел од бизнисмените.
Во таа насока е и последното мислење што го усвои Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) на пленарна седница посветена на Западен Балкан, на која главната препорака беше земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да инвестираат во младите генерации.
ЕЕСК е тело во кое се застапени работниците, работодавачите и граѓанското општество и работи од блиску со сите други институции на ЕУ и им поднесува мислења, препораки и извештаи.
Во последниот извештај од пленарната јулска седница, комитетот се осврна на состојбите на Западен Балкан, истовремено повикувајќи ги владите во овој регион да се справат со проблемите со кои се соочуваат младите луѓе.
– Потребно е да се одвои доволен и транспарентен буџет за развој на младинската политика и за вклучување на младите во процесот на пристапување кон ЕУ како предуслов за создавање позитивни промени и подобрување на состојбата на младите во регионот – порачуваат од ЕЕСК.
Понатаму во извештајот се констатира дека регионот се соочува со голем одлив на мозоци кај младите генерации, висока невработеност, недоволно образование и недоволни вештини.
Коизвестувачот Андреј Зорко ги повика сите шест земји од регионот да се усогласат со политиките на ЕУ во оваа област и да одвојат поголеми инвестиции за развој на младите.
– Развивањето национални младински и политики и овозможувањето младите да учествуваат во креирањето на тие политики е од огромна важност – изјави Зорко.
Според ЕЕСК, важно е да се работи на образованието, мобилноста и вработувањето на младите како главни цели, меѓу другото, преку Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан.
Комитетот истакнува уште и дека младите се во незавидна положба на пазарот на трудот во регионот, а стапката на лица што не се ниту вработени, ниту запишани на училиште или на обука помеѓу 15 и 24-годишна возраст, изнесува 23,7 отсто во просек за цел Западен Балкан. Одливот на млади од регионот е долгогодишен проблем, додава комитет, и една од причините за ова е што младите немаат пристап до квалитетно образование, а можностите за кариера им се ограничени.
ЕЕСК смета дека образовните системи на Западен Балкан имаат „очајна потреба од реформи“ и „треба да бидат подобро поврзани со потребите на пазарот на трудот“. Е.Р.