Народниот театар – Битола на „Охридско лето“ премиерно ја изведе претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на американскиот режисер Џон Блондел.
Претставата се покажа дека е идеално дело за актерите од Битолскиот театар бидејќи нивната енергија и сценски израз совршено одговараат на материјалот, а визуелните и музичките автори од ансамблот ја издигнаа оваа политичка трагедија до високо ниво на театарска поезија.
Во „Кориолан“ играа Васко Мавровски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Марјан Георгиевски, Сандра Грибовска, Јулијана Мирчевска и Петар Спировски. Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, а музиката за претставата ја напиша Александар Димовски.
Режисерот Џон Блондел посочи дека „Кориолан“, иако е напишан пред повеќе од четири века, останува актуелен поради темите за моќта, политиката и односот меѓу власта и народот.
– Видете го овој неверојатен простор во кој се наоѓаме моментално. Навистина магично место со стари корени за изведување претстава. Атмосферата е извонредна за гледање претстава како оваа вкоренета во минатото и сегашноста. Ова е перформанс полн со интимни, автентични и изненадувачки моменти. Се надевам дека гледачите понесени од приказната ќе ја вметнат во нивната имагинација за да се почувствуваат како да се на сцената – рече режисерот Блондел кому ова му е петта соработка со битолските актери.
Според директорот на Народниот театар – Битола, Васко Мавровски, се работи за многу интересна претстава со нова естетика, која од четириесетина лика е сведена само на седум и во неа, како што вели, е собрано само есенцијалното од текстот.
– Секогаш кога ќе се спомене Шекспир, луѓето очекуваат дека тоа ќе трае два часа и повеќе. Ние успеавме за осумдесетина минути да направиме многу добра и естетски поткована претстава на еден наш препознатлив јазик, односно препознатлив јазик и за режисерот Џон Блондел, кој по стоти пат го покажува тоа на сцена – појаснува Мавровски.
Концептот на претставата е насочен кон минималистички сценски израз, со акцент на актерската игра и текстот.
– Сум играл на „Охридско лето“ многупати со Битолскиот театар и сцената ја доживувам како матична. Воодушевувачки е да се игра на толку импозантно место каде што има акустика, историја, има сè. Овде, на оваа сцена, прошетале илјадници глумци од целиот свет, прошетале и наши драги колеги што ги нема повеќе, така што возбудата доаѓа од сите страни – вели битолскиот актер Петар Горко.
По македонската премиера на „Охридско лето“, претставата „Кориолан“ ќе ја има и својата светска фестивалска премиера на „Верона Шекспир Фринџ фестивал“ во Италија.


Несекојдневно музичко доживување со кинескиот симфониски оркестар „Нингбо“

Извонредните македонско-кинески пријателски односи и културната соработка меѓу Кина и Македонија беа потврдени со спектакуларниот концерт на симфонискиот оркестар „Нингбо“, кој настапи на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Кинеската вечер на сцената „Долни сарај“ започна со интонирање на македонската, а потоа и на кинеската химна. Поздравен говор имаше амбасадорката на Народна Република Кина, Н.Е. Џијанг Сјаојан, која упати голема благодарност до „Охридско лето“, до директорот на оваа национална установа, Ѓорѓи Цуцковски, како и до фестивалскиот тим.
– Оваа година фестивалот го одбележува своето 66-то издание. Во кинеската традиција, 60 години претставуваат еден целосен циклус, кој се нарекува џијаци и симболизира обновување и нов почеток. Убава коинциденција е што токму во таков дух, овој фестивал отвора ново поглавје, продолжувајќи ја својата мисија во спојување на публиката и уметниците од целиот свет – рече амбасадорката Сјаојан.
Амбасадорката потсети дека збратимувањето меѓу двата града, Далиан и Охрид, заедничкиот комеморативен поштенски плик по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Македонија, како и настапот на музичари од кинескиот оркестар на бамбусова флејта на фестивалот „Охридско лето“ во 2018 година, сведочат за искреното пријателство меѓу двата народа.
Кинеските уметници од симфонискиот оркестар „Нингбо“ настапија под диригентската палка на Абзал Мукхитдин од Казахстан. Публиката беше восхитена од прекрасната изведба на композиции од Жу Житонг, Жанг Шуаи, а на репертоарот беа и Симфонијата бр. 36 во Це-дур, позната како „Линц“, како и традиционалната кинеска „Месечина отсликана во втората пролет“.


Префинето музицирање на триото „Кимера“

Незаборавно музичко доживување исполнето со виртуозност и длабока емоција приреди италијанското трио „Кимера“, кое настапи на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Публиката во црквата „Света Софија“ ги почувствува индивидуалните музички квалитети на пијанистката Марта Черета, на виолинистот Стефано Ракањи, како и на виолинистот Џорџо Лукини, но не помалку се чувствуваше и префинетоста во заедничкото музицирање на тројцата млади уметници, за што беа наградени со бурни овации.
Виолинистот Стефано Ракањи рече дека за фестивалот конципирале посебна програма и оти акустиката во храмот, како што кажа, била топла, особено за пијаното.
– Репертоарот е посебно создаден за фестивалот „Охридско лето“. Ги имавме „Петте куси пиеси“ од Триото број 1 на чешкиот композитор на модерната класична музика Бохуслав Мартину. Тој пишувал долги сонати, но не и во овој случај. Пред тоа отсвиривме потрадиционална класична музика од Бетовен. Тој како млад композитор сакал да ги покаже своите способности пред публиката во Виена и затоа го создал ова Трио во Це-мол опус 1 број 3, кое е најромантично и истовремено бурно по карактер дело. Вечерта ја завршивме со славното дело на Дмитри Шостакович, Трио бр. 2, напишано за време на Втората светска војна и посветено на неговиот драг пријател Иван Солертински, руски музиколог и полиглот – појасни Ракањи.
„Кимера“ е оформено под менторство на Патрик Јуед на Високата школа за уметности во Берн и неговите членови добиваат магистериум по камерна музика во 2023 година. Во Италија студираат со квартетот „Кремона“ во центарот за гудачки инструменти „Стауфер“, а постдипломските студии ги завршуваат на конзерваториумот „А. Боито“ во Парма под стручно менторство на квартетот „Парма“. Инспирација и искуство црпат од соработките со Миша Мајски, Амирам Ганц од триото „Алтенберг“, од Антонио Менезес и од Екарт Рунге, кој е член на квартетот „Артемис“. Триото е официјален член на Европската академија за камерна музика.