Фото: Принтскрин

Голем број корисници денеска пријавија проблеми при пристапот до социјалната мрежа „Фејсбук“, при што дел од нив не можеле да се најават на своите профили поради привремен технички дефект.

При обид за најава, корисниците добиваат порака: „Профилот е привремено недостапен. Вашата сметка моментално не е достапна поради проблем со страницата. Очекуваме проблемот наскоро да биде решен. Обидете се повторно за неколку минути.“

Според платформата „Даундетектор“ (Downdetector), која ги следи прекините во работата на интернет-услугите забележан е нагол пораст на пријавите од корисниците, а на официјалната страница за статус е потврдено дека има дефект во функционирањето на „Фејсбук“.

Најголем дел од пријавите, околу 32 проценти, се однесуваат на проблеми со самата веб-страница, 26 проценти се поврзани со најавувањето на профилите, а 22 проценти се однесуваат на проблеми со почетната страница и прегледот на содржините.

Корисниците за овие проблеми масовно известуваат и преку социјалната мрежа „Икс“, каде што објавуваат скриншотови од пораката за грешка со ознаката „#FacebookDown“.