Фото: Институт за јавно здравје

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги повика граѓаните на Гостивар строго да ја почитуваат забраната за користење на водата од градскиот водовод, откако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 17 јули издаде решение за нејзина забрана поради сомнение дека е загадена и небезбедна за употреба.

Од ИЈЗ нагласуваат дека до официјалното укинување на забраната, водата од градскиот водовод не смее да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинакви насоки.

Граѓаните се советуваат за пиење и подготовка на храна да користат исклучиво фабрички пакувана, односно флаширана вода. Не треба да се користи вода од водоводот за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук што се јадат свежи, правење мраз, кафе, чај, сокови или храна за доенчиња.

Од Институтот препорачуваат и миењето на забите да се врши исклучиво со безбедна вода, додека при туширање и капење треба да се внимава водата да не се голта. Особено внимание се бара за доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и хронично болните, кои се најизложени на ризик од потешки последици.

ИЈЗ препорачува често миење на рацете со сапун и безбедна вода, а доколку тоа не е можно, користење средства за дезинфекција на база на алкохол.

До угостителските објекти е упатен апел да не ја користат водата од водоводот за подготовка на пијалаци и храна, ниту за миење овошје и зеленчук, а машините за мраз да бидат исклучени. Во градинките, пак, децата треба да пијат исклучиво флаширана вода, а храната да се подготвува само со безбедна вода.

Доколку се појават симптоми како дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура или знаци на дехидратација, граѓаните треба веднаш да побараат лекарска помош.

Од ИЈЗ потсетуваат дека загадената вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции и апелираат граѓаните редовно да ги следат известувањата на надлежните институции.

По официјалното укинување на забраната, Институтот препорачува водата да се пушти да тече од пет до десет минути, да се исчистат апаратите за вода, да се исфрли мразот направен за време на забраната и, доколку е потребно, да се заменат филтрите.