Фото: Пиксабеј/Илустрација

Соединетите Американски Држави вчера извршија нови воздушни напади врз цели во Иран, соопшти Централната команда на американските вооружени сили (ЦЕНТКОМ).

Според соопштението, нападите биле одговор на смртта на двајца американски војници, кои загинаа во Јордан за време на напад што Вашингтон му го припишува на иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Од ЦЕНТКОМ наведуваат дека целта била веднаш да се одговори на нападот и да се ослабат воените капацитети на Иран.

Американската војска соопшти дека ударите биле насочени и кон ограничување на способноста на Техеран да го загрозува поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта.

Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека американски сили во текот на ноќта извршиле напади во близина на јужниот ирански град Сирик.

Американските одбранбени власти претходно информираа дека двајцата војници загинале во Јордан за време на заедничка операција на американските и партнерските сили, при одбрана од напад со ирански балистички ракети и беспилотни летала.

Во нападот еден американски војник се води како исчезнат, додека четворица биле повредени. По укажаната медицинска помош во Јордан, тие биле пуштени на домашно лекување.