Шпанија и Аргентина вечерва ќе се соочат во финалето на Светското првенство на ФИФА 2026, во натпревар што нема да го одлучи само новиот светски шампион, туку и распределбата на рекордниот награден фонд на турнирот, пренесе „Анадолија“.
ФИФА за првпат обезбеди вкупно 871 милион долари за 48-те репрезентации учеснички на Мундијалот во САД, Канада и Мексико, што е најголемиот финансиски фонд во историјата на натпреварувањето.
Победникот на вечерашното финале ќе заработи 50 милиони долари, додека поразениот финалист ќе добие 33 милиони. Тоа значи дека разликата меѓу освојувањето и загубата на светската титула изнесува 17 милиони долари.
„Анадилија“ пишува дека покрај наградите за резултатите, ФИФА ги зголеми и средствата за подготовка и учество. Секоја квалификувана репрезентација доби по 10 милиони долари за настап, како и дополнителни 2,5 милиони долари за подготовките, а беа обезбедени и повеќе од 16 милиони долари за покривање на организациски трошоци и логистика.
Парите се исплаќаат на националните фудбалски федерации, а не директно на играчите. Колкав дел од наградите ќе заврши кај фудбалерите зависи од бонусите договорени меѓу репрезентациите и нивните федерации.
Наградите растеа со секоја елиминациска фаза. Репрезентациите што стигнаа до осминафиналето заработија по 15 милиони долари, четвртфиналистите по 19 милиони, четвртопласираната селекција ќе добие 27 милиони, а третопласираната 29 милиони долари.
Финансискиот ефект не завршува со репрезентациите. ФИФА преку Програмата за корист на клубовите ќе распредели рекордни 355 милиони долари до клубовите што ги ослободиле своите играчи за настап на Светското првенство.
Освен директните парични награди, освојувањето на светската титула носи и огромна комерцијална вредност преку нови спонзорства, продажба на официјални производи и зголемена глобална популарност.
Финалето меѓу Шпанија и Аргентина ќе се одигра на стадионот „Њујорк Њу Џерси“ во Ист Ратерфорд, со почеток во 21 часот по македонско време.


































