Фото: Принтскрин

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека досега се пријавени 140 лица заболени со симптоми на гастроентероколит во Гостивар, додека епидемиолошките тимови продолжуваат со анкетирање и истражување на случаите.

Раководителот на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ, д-р Драган Кочински, изјави дека првите пријави пристигнале утрово, а преку системот АЛЕРТ е регистриран значителен пораст на бројот на заболени, со надминување на неделниот праг за територијата на Гостивар.

 – Во постојана комуникација сме со Центарот за јавно здравје Тетово, кој во текот на денешниот ден треба да донесе одлука дали ќе биде прогласена епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција веќе се спроведуваат, а евентуалното прогласување епидемија ќе овозможи подобра координација меѓу сите надлежни институции – изјави Кочински.

Тој посочи дека ИЈЗ е во постојана координација со Центарот за јавно здравје Тетово, Министерството за здравство, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи.

По барање на Јавното обвинителство, стручни тимови на ИЈЗ излегле на терен и земале примероци од водата за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Анализите започнале веднаш по враќањето на екипите, а на нив работеле лабораториски тимови и во текот на викендот.

Резултатите од испитувањата се очекуваат утре и ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство Гостивар, кое потоа ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката.

Од Обвинителството потврдија дека локацијата кај Вруток и понатаму е обезбедена по наредба на јавен обвинител и дека истрагата продолжува до добивање на лабораториските резултати.

ИЈЗ потсети дека Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули издаде забрана за употреба на водата од гостиварскиот водовод поради сомнение дека е загадена и небезбедна за пиење.

Институтот повторно апелира граѓаните строго да ги почитуваат препораките и да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна сè до официјално известување дека таа е безбедна.