Фото: ЕПА/илустрација

Ферибот со 116 патници и членови на екипажот потона во текот на ноќта крај брегот на Гвајана, а спасувачките екипи досега успеале да извлечат само осум преживеани.

Министерот за јавни работи Хуан Едгил соопшти дека фериботот „Барима“ (MV Barima) вчера околу 15.15 часот по локално време испловил од Џорџтаун кон Порт Кајтума, во западниот дел на земјата.

 – Во 23.01 часот беше примен повик за помош од бродот. Веднаш беа активирани спасувачки операции со државни и приватни ресурси. Потрагата по преживеани продолжува со полн капацитет, а во оваа почетна фаза успеавме да спасиме осум лица – изјави Едгил во видеообраќање објавено на Фејсбук.

Властите сè уште немаат официјални информации за причините за несреќата, ниту за судбината на останатите 108 лица кои се наоѓале на фериботот во моментот на потонувањето.

Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата, додека јавноста очекува повеќе информации за една од најтешките поморски несреќи во земјата во последните години.