Фото: ИЈЗ

Раководителот на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински, ги повика граѓаните на Гостивар да соработуваат со епидемиолошките тимови и да одговараат на повиците за анкетирање, со цел побрзо да се утврди изворот на заразата.

Тој истакна дека најважни не се бројот на спроведени анкети, туку точните информации што ги даваат заболените, бидејќи тие се клучни за епидемиолошката анализа.

 – Апелирам до граѓаните да се одѕиваат на повиците од тимовите на Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје Тетово. Досега се спроведени околу 60 епидемиолошки анкети, но дел од населението одбива комуникација, што ја отежнува анализата на состојбата – изјави Кочински.

Според него, досегашните анкети не откриле заеднички фактор што би упатувал на конкретен извор на заразата.

 – Сите анкетирани користеле храна во домашни услови и во угостителски објекти, сите пиеле вода, а дел и флаширана вода. Засега немаме индиции што би овозможиле просторно поврзување на случаите. Потребни се дополнителни анализи и резултатите од микробиолошките испитувања на примероците од пациентите и водата – рече тој.

Кочински потврди дека е надминат неделниот праг на заболени и дека досега се доставени 140 официјални пријави за заразна болест.

Тој нагласи дека исполнети се условите за разгледување на можноста за прогласување епидемија, но појасни дека таквата одлука не ги менува мерките што веќе се спроведуваат на терен.

 – Прогласувањето епидемија пред сè овозможува подобра координација и комуникација меѓу институциите, додека мерките за контрола и превенција веќе се применуваат – истакна Кочински.

Тој најави дека резултатите од анализите на примероците од водата ќе бидат доставени до Јавното обвинителство во текот на утрешниот ден, бидејќи испитувањата се спроведуваат по негова наредба.

На прашањето дали имало проблеми при земањето примероци од водата, Кочински рече дека не може да коментира, бидејќи лично не учествувал во теренските активности.