ИОК
- Програмата помага да се обезбеди спортистите од сите средини да имаат еднаква можност да се подготват, да се пласираат и да успеат на Олимписките игри, пишува ИОК. Како споредба, на ЛОИ 2024 стипендистите на „Олимписката солидарност“ освоија 75 медали во 24 спорта
Додека трае одбројувањето до Летните олимписките игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, вкупно 1.516 спортисти од 176 земји во 39 спортски дисциплини добиваат стипендии од „Олимписката солидарност“, кои го поддржуваат нивното патување до Игрите, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Преку месечни грантови што придонесуваат за нивен тренинг и за учество во квалификациски натпревари, програмата „Олимписка солидарност“ на ИОК им помага на спортистите од секој агол на светот да ги остварат своите олимписки соништа, информира Интернационалниот олимписки комитет.
Како споредба, на ЛОИ 2024 во Париз стипендистите на „Олимписката солидарност“ освоија 75 медали (26 златни, 20 сребрени и 29 бронзени) во 24 спорта. „Олимписката солидарност“ инвестира вкупно 71 милион долари за да ги поддржи спортистите на нивното патување до Зимските (ЗОИ) и до Летните олимписки игри за време на олимпискиот циклус од 2025 до 2028 година. За многу спортисти, поддршката од „Олимписката солидарност“ може да направи одлучувачка разлика во нивната способност да се подготват што подобро за настап на Игрите, помагајќи им да се фокусираат на тренинзите и да ги намалат финансиските притисоци, што можат да им застанат на патот на остварување на нивните перформанси. Преку оваа поддршка, програмата помага да се обезбеди спортистите од сите средини да имаат еднаква можност да се подготват, да се пласираат и да успеат на Олимписките игри, пишува ИОК. Г.И.
































