Се отвора ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Имено, почна официјално да функционира Кинеско-македонската стопанска комора, чии основачи се компании од различни сектори: градежништво, енергетиката, туризам, винарство… Целта на комората е преку јакнење на деловните врски да се зголеми извозот на македонски производи на кинескиот пазар, како и кинеските бизниси да ги истражат можностите за инвестиции во Македонија.
Како што беше речено на настанот по повод основањето на комората, засега најголем потенцијал за соработка има во туризмот, енергетиката и во производството на електрични автомобили.
Македонија моментно во Кина извезува вино, но на кинескиот пазар се добро прифатени и мермерот и тутунот. Кај кинеските потрошувачи постои интерес за домашни македонски традиционални производи како ајварот и различните видови макала.
– Идејата за основање на оваа комора произлезе од една едноставна, но значајна визија – да создадеме силна и одржлива платформа што ќе ги поврзува бизнисите од Кина и од Македонија, ќе ги поттикнува трговијата и инвестициите и ќе отвора нови можности за соработка и партнерство. Денес таа визија стана реалност. Денешниот ден не го означува само почетокот на работата на Кинеско-македонската стопанска комора туку и отворање ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу нашите две земји – истакна претседателот на Кинеско-македонската стопанска комора, Жаолонг Шао.
Според Хе Бингхуа, економски и трговски советник во Амбасадата на Кина во Македонијa, изминатите години традиционалното пријателство меѓу двете земји постојано се продлабочува, а економската и трговската соработка бележат позитивен развој.

– Сѐ поголем број македонски компании ја препознаваат Кина како важен партнер, што сведочи за широките перспективи за понатамошно унапредување на билатералната економска соработка. Основањето на комората создава попрофесионална и поефикасна платформа за размена и соработка меѓу деловните заедници на Кина и Северна Македонија. Искрено се надевам дека комората ќе остане посветена на интересите на своите членови, на поддршката на компаниите и на унапредувањето на билатералната соработка. Верувам дека таа целосно ќе ја исполни својата улога како мост меѓу деловните заедници, ќе им помогне на компаниите да ги искористат новите можности, да го прошират просторот за соработка и дополнително да го унапредат нивото на економската и трговската соработка меѓу нашите две земји – потенцира Бингхуа.
Марјан Јовчевски, извршен директор на „КТМ енерџи солушнс“ и еден од основачите на Кинеско-македонската стопанска комора, очекува значајни придобивки од соработката со Кина на краток, среден и на долг рок. Според него, на краток рок Македонија може да привлече повеќе кинески туристи, што би придонело за подобро искористување на туристичките капацитети во Охрид, Скопје и другите дестинации. Тој посочи дека во Кина расте бројот на финансиски стабилни граѓани заинтересирани за патувања, а Македонија е привлечна дестинација за нив. На среден рок, Јовчевски очекува значително зголемување на извозот на македонски производи, покрај традиционалниот извоз на вино.

Според него, македонските прехранбени производи веќе се добро прифатени на кинескиот пазар и има простор за нивен поголем пласман. На долг рок, како најголем потенцијал ги гледа енергетиката и производството на електрични автомобили. Тој смета дека Кина може да биде стратешки партнер во изградбата на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ и во развојот на обновливите извори на енергија. Јовчевски нагласи дека Македонија има што да понуди на кинескиот пазар, вклучително и ајвар, макало и други конзервирани производи. Извршната директорка на Кинеско-македонската стопанска комора, Рената Пенчова, истакна дека покрај виното, во Кина успешно се извезуваат и мермер и тутун. Таа оцени дека кинеските компании се заинтересирани и за увоз на други македонски производи. Вицепремиерот Љупчо Димовски оцени дека основањето на комората претставува значаен чекор во продлабочувањето на економските односи меѓу Македонија и Кина. Според него, комората ќе придонесе за поврзување на компаниите, привлекување инвестиции и за трансфер на знаење и технологии. Димовски нагласи дека Владата останува посветена на создавање правна сигурност, транспарентност и поволна деловна клима. Тој посочи дека неодамна воведениот безвизен режим ќе ја олесни директната соработка меѓу македонските и кинеските бизнисмени. Според Димовски, комората ќе биде важен мост за нови партнерства, инвестиции и за долгорочен економски развој меѓу двете земји.
































