Фото: Влада

Во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема. Неетичкото однесување носи до поголеми последици кои можеби веднаш нема да ги видиме, но утре веќе ќе биде доцна, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој посочи дека се прават обиди да се докаже дека има договорање за цените во неколку сектори.

Вицепремиерот нагласи дека токму тоа е и една од причините зашто 52 отсто од младите бегаат од регионот на Западен Балкан.

-Неетичкото однесување прави да не можеме да ги задржиме младите. На денешниот настан зборуваме за можности на младите, а од друга страна се соочуваме со секакви неетички однесување на кoj билo и затоа се поставува прашање како да ги убедиме да останат и да им кажеме дека креираме нови можности. Ние ги пробавме сите опции за цените на производите. Доаѓам од бизнис секторот кој работи за профит, но покрај профит постои и етика и морал. Затоа вчера отидов во Комисијата за заштита на конкурентноста и разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање за тоа што се случува со цените- рече Битиќи во одговор на новинарско прашање на паузата на Регионалниот форум за социјално претприемништво во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО.

Нагласи дека цените на светските берзи заради инфлацијата се зголемени за една четвртина помалку отколку во земјава.

-Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна и изолиран остров кога е составен дел од цела Европа. Според податоците на ФАО берзанските цени во Европската Унија се за една четвртина помали отколку што се тука. Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички- потенцира Битиќи.

Кај нас, како што кажа, најголеми проблеми со цените има во сегментот на големата потрошувачка што е директно поврзано со основните прехранбени производи. Затоа истакна дека мора да се зајакнат инспекциските служби со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето во компаниите, банките и во сите сегменти на општеството.

-Во сегментот на големата потрошувачка најмногу се чувствува зголемувањето на цените, но има и на секаде. Со зајакнувањето на капацитетите на Комисијата за заштита на конкурентноста и на сите други инспекциски служби ќе се обидеме да ставиме ред и на тој начин да ги задржиме младите во земјава. Борбата за да ги задржиме младите не е борба само на еден поединец или на една Влада, туку е борба на сите чинители во општеството. Тоа мора да го разберат сите без разлика дали се стопанственици, политичари, академици или се обични граѓани – дека мораме да си ја сакаме земјата онака како што си се сакаме себеси – посочи Битиќи.