Фото: Државен пазарен инспекторат

Зголемен број на контролите во сите трговски објекти низ земјава и пломба на врата за оние трговци кои ќе ги доведат во заблуда потрошувачите, најави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски во одговорот на новинарско прашање во врска со исходот од спроведените контроли и изречени санкции.

– Исто како и изминативе денови сите инспектори се на терен и ДПИ ќе го посети секое село во нашата држава, каде што има и малечки продавнички, бидејќи до нас стигаат пријави од граѓаните. Големите маркети имаа толеранција и рок за усогласување на цените од пет денови – рече Трајковски.

Тој нагласи дека во почитувањето на мерката, големите ланци на маркети ги исправиле грешките и ги применуваат одлуките на Владата за гарантирана цена. Трајковски ги пофали компаниите кои се покажале како општествено одговорни и направиле дополнителни намалувања на производи кои не се опфатени со владината одлука.

На новинарско прашање околу денешните контролите и исходот од нив, првиот човек на ДПИ потврди дека се во тек и дека се контролираат и големите маркети.

– Контролите се во тек и исходот на денешните контроли и резултати ќе ги знаеме денес подоцна или утре. Не застануваме тука. Казни ќе има и ќе се зголеми бројот на проверки и кај малите трговци и снабдувачите односно трговците на големо, бидејќи не сакаме да видиме недостиг на производи во маркетите – рече Трајковски

Тој посочи дека досега седум компании се казнети заради непочитување на одлуките на владата за намалување на цените и пет компании за непочитување на Законот за потрошувачи, односно за спроведување нечесни трговски практики и најави доследно спроведување на законските обврски.

Паричните казни кои им беа изречени, според Трајковски се платени и тие маркетите од утре ќе може да ги отворат.

– Сакам да потенцирам дека ниту јас, ниту инспекторите нема да дозволиме, граѓанинот да биде доведен во заблуда. Станува збор за сериозни компании кои не смеат да си го дозволат тоа. Во тој дел нема да правиме компромис и ќе затвораме без селекција – подвлече Трајковски.