Со новиот буџет кој е проектиран на 5 милијарди 810 милиони денари, 83 отсто од него, односно 4 милијарди 819 милиони денари се расходи наменети директно за реализација на капиталните проекти, изјави Борис Тунџев, член на Комисија за транспорт и врски на СДСМ.
Тој кажа дека 2,6 милијарди денари се одвојуваат за железници, 446 милиони денари за комунална инфраструктура преку Европска инвестициона банка, 248 милиони денари за водоводи, 247 милиони денари за проекти за локални патишта и 104 милиони денари за нови авиолинии.

– Во тек е проектот за изградба и санација на улици во општините вреден 70 милиони евра. Тендерските постапки се во подготовка и се очекува во почетокот на градежната сезона да се почне и со физичка реализација на терен – рече Тунџев.

Буџетот за 2020 година, во делот на транспорт и врски, додаде тој, предвидува историски најголеми вложувања во изградба и рехабилитација на патишта и изградба на патна инфраструктура, гасоводна мрежа и реализација на крупни проекти во Железницата.