Оваа година првпат по повеќе години и децении со ребалансот се зголемуваат капиталните расходи, што значи дека Владата се поставува уште поамбициозно, и тоа врз основа на анализите на склучени договори и почнати во изведба капитални проекти

Првпат по повеќе децении со ребалансот се зголемуваат капиталните расходи

Премиерот Зоран Заев очекува оваа година да заврши со реализација на капитални инвестиции, како што вели од над 80 отсто. Во ребалансот, вели, има 6,5 милијарди денари повеќе пари за капитални расходи од иницијалниот буџет, се работи на многу проекти интензивно во целата држава, а реализацијата во првиот квартал е 20 отсто повеќе од лани.
– Пролетта ја почнавме со помалку корона-заразени за да може и на терен да се одвиваат сите активности. Оваа година првпат по повеќе години и децении со ребалансот се зголемуваат капиталните расходи, што значи дека Владата се поставува уште поамбициозно, и тоа врз основа на анализите на склучени договори и почнати во изведба капитални проекти. Очекувам над 80 проценти да биде реализација на капиталните инвестиции на крајот на годината за годинава, но вака насочени секогаш останува предизвикот имотноправните работи и административните постапки. Администрацијата секоја година се учи како да ги надминува ваквите проблеми и затоа се поставивме амбициозно, односно имаме 6,5 милијарди денари повеќе пари за капитални расходи што беа во иницијалниот буџет – истакна премиерот Зоран Заев.
Тој потенцира дека голем дел од ваквите проекти се локални, без разлика дали е надлежна државата или општината, и оти продолжуваат со вакви проекти. Во однос на големите капитални инвестиции, додаде тој, тоа се железниците, гасификацијата, патиштата, кои не влегуваат во главниот буџет, и затоа не ги сметаат за капитални инвестиции од страна на буџетот, но се многу драгоцени.

– Интензивно се гради низ цела земја и веруваме дека на тој начин ќе дадеме дополнителен прилог на економскиот раст и развој и со секој макар еден процент повеќе реализирани капитални инвестиции веруваме дека ќе го подигнеме БДП, ќе му дадеме поддршка на домашното стопанство, а во согласност со тоа ќе го јакнеме животниот стандард – изјави Заев.
Како што вели тој, Владата очекува најмалку 80 отсто реализација и дека тоа е можно да се направи, бидејќи сега имаме механизам на наградување и казнување.
– Првиот квартал и со завршување на вториот квартал на одредени буџетски корисници им се одземаат пари и им се дава на оние што вистина реализираа. Имаме 20 проценти повеќе реализација на капитални инвестиции во однос на минатата година и тоа ни дава мотивација дека може да ги реализираме над 80 проценти – смета Заев.