Во Охрид денеска, Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка помеѓу Македонија и Руската Федерација одржа седница на којашто се разгледаа можностите за соработка помеѓу двете држави во неколку економски области.

Претставниците од двете страни на Меѓувладината комисија разговараа за соработка во областа на трговијата, eнергетиката, туризмот, транспортот, земјоделството, образование, наука и култура, иновации и високи технологии, надворешна соработка.

За поголемиот дел од овие области Комисијата постигна согласност во интерес и на двете страни и во следниот период Комисијата ќе продолжи со работа.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, којшто е ко-претседавач на Комисијата од македонска страна, посочи дека деветата седница на Меѓувладината комисија за трговско – економска и научно- техничка соработка се одржува по пет години пауза.

-Како држави покажавме интерес за заедничка соработка, тоа се покажа и на вчерашниот бизнис-форум на којшто присуствуваа не само делегации, туку и претставници од коморите на двете држави, коишто разговараа и имаа можност да да се запознаат со потенцијалите за инвестиции со цел да се јакне економската соработка со поддршка од двете влади. Ние од македонска страна ги запознавме што ние планиравме во делот на инвестициите во земјоделството, ги запознавме со планот за инвестиции во откупно-дистрибутивни центри, исто така за можностите за инвестиции во земјоделско земјиште и друго. Се надевам со овие соработки ќе иницираме интерес и од нивна страна, како и јакнење на економските врски помеѓу фирмите – изјави министерот Димковски.

Заменик-министерот за трговија и индустрија на Руската Федерација и претседател на Комисијата од руската страна, Алексеј Груздев, посочи дека двете држави имаат потенцијал за соработка во повеќе области како што е транспортот, патната инфраструктура, земјоделството, додавајќи дека на бизнис-форумот беа понудени интересни проекти помеѓу бизнис-заедницата од двете држави.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, трговската размена со Русија бележи висок раст. Во првите осум месеци од оваа година, трговијата изнесува 121,4 милиони долари или за 27,3 отсто повеќе од истиот период во 2018 година. Во исто време, извозот на Македонија изнесуваше 30,3 милиони американски долари односно 22,7 отсто повеќе од минатата година истиот период.

Во периодот јануари-септември 2019 остварен е извоз на земјоделско прехранбени производи во вредност од 21,8 милиони долари, наспроти 15,1 милиони долари истиот период 2018 година, што претставува зголемување од 44 отсто.