По денешната средба на тутунарите со министерот за земјоделство Ајранит Хоџа во Прилеп, протестите се ставени во мирување до петок, кога треба во Министерството за земјоделство да се одржи средба меѓу тутунопроизводителите и откупувачите.

– Наша улога е да мониторираме со процесите. Се надеваме дека ќе има соодветни одлуки. Откупот е во рана фаза и ќе се погрижиме да биде заокружен како што треба. Од 23 милиони килограми откупени се само 300.000 килограми, односно 1,5 проценти. Реално гледано ја знаеме маката на тутунарите и затоа се обидуваме да изнајдеме решение, бидејќи тутунот е стратешки производ во земјата за кој субвенционираме 30 проценти од вкупниот буџет за субвенции – рече министерот Хоџа во Прилеп.

Игор Мирчески од ИО на протестите рече оти се надева дека во петок ќе се изнајде решение.

– На средбата в петок очекуваме решение и да се излезе во пресрет на нашите барања за повисока откупна цена и реална проценка. Бараме да ни се плати трудот. Ако нема договор продолжуваме со протестите – рече Мирчески.

Од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија истакнаа дека ги повлекуваат поверениците од откупите и очекуваат просечната цена да биде 200 денари. Ка.М.