Постигнат е договор со бизнис-заедницата и синдикатите за пораст на минималната плата на 14.500 денари, објави на владина седница премиерот Зоран Заев.
Тој истакна дека е постигнат договор со бизнисот и синдикатите за зголемување на минималната плата. Целта, како што рече тој, е подобрување на животниот стандард на работникот и намалување на сиромаштијата.

– Одиме внимателно со покачувањето на минималната плата. Внимателно ги следиме сите мерки и ќе продолжиме со нив, за да може да ги следи стопанството. Сите треба да работиме ако сакаме повисоки плати и поголема конкурентност. Да бидеме поработлива нација и посветено да работиме – рече Заев.

Тој нагласи дека се надева оти до крајот на мандатот ќе ја постигнат целта минималната плата да изнесува 16.000, а просечната 30.000 денари.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека порастот на платите е предизвикан од реалната економија во земјата, како и дека нивото на минималната плата е во принцип ниво што е приближно на нивото во другите земји во регионот.

Сега минималната плата изнесува 12.507 денари.