Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на бизнис-заедницата укажуваат дека со доквалификација или преквалификација во некои ситуации успеале да го надминат проблемот со недостиг од кадар. Дополнително, компании што се вклучија во процесот на дуалниот модел на образование исто така го надминуваат проблемот, но додаваат дека и во иднина мора да му се посвети внимание на образовниот процес низ кој треба да се генерира соодветен стручен кадар за потребите на стопанството

Разидувањето на пазарот на трудот долгогодишен проблем со кој се соочува стопанството

Преку дуалното образование, но и со разни проекти за доквалификација или преквалификација на работната сила, некои од „дупките“ во работните средини се затворени. Сепак, бизнис-заедницата укажува дека на пазарот и понатаму се чувствува недостиг од одредени професии, за што смета дека ќе биде потребно и во иднина да се спроведуваат мерки за намалување на јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Секако, значајно влијание врз оваа проблематика има образовниот систем, за кој се укажува дека треба да ги следи потребите на пазарот на трудот и да може за краток период да испорачува нови образовни насоки во согласност со потребите.
– Македонската економија подолго време трпи последици од недоволен број квалификуван кадар на пазарот на трудот. Според анализите на Стопанската комора на Северна Македонија, потреба од кадар има во сите сектори, а уште повеќе се продлабочи во пандемијата. Комората подолго време се занимава со проблематиката за обезбедување стручен кадар преку процесот на доквалификација и преквалификација како најбезболен и најбрз начин за
надминување на проблемот со недостиг од кадар. Ваквите активности досега дале плод од причина што, по завршувањето на обуките за доквалификација или преквалификација, поголемиот дел учесниците што се стекнале со соодветните вештини остануваат да работат во компаниите каде што се обучувале. Дополнително, и активностите на полето на формалното образование дадоа плод. Компаниите што први се вклучија во процесот на дуалниот модел на образование и креираа образовни програми според нивните потреби за вештини и кои ги обучуваа учениците, по нивното завршување веднаш ги вработија во своите организации – објаснуваат од Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ).

Компаниите да прифатат ученици на практична настава

Од Комората укажуваат дека за надминување на проблемот со недостигот од стручен кадар треба да се гледа од два аспекта, едниот е преку формалното образование, додека другиот е преку неформалното образование.
– Преку формалното образование, образовните институции и бизнис-заедницата треба да имаат засилена комуникација за да може образовниот систем да ги следи барањата на бизнис-заедницата и брзо да реагира со изработка на образовни програми за квалификации потребни на бизнис-заедницата. Тоа може да се направи доколку процедурите и постапките за одобрување на новите квалификации, наставни планови и програми се поедноставни. Од друга страна, компаниите треба да бидат подготвени да ги прифатат учениците кај нив да ја реализираат практичната обука. На тој начин компаниите ќе ги подготвуваат учениците да работат според нивните технолошки процеси, да изработуваат работни задачи на нивните машини и опрема, со краен резултат вработување на истите тие по нивното завршување – велат од СКСМ.

Со стипендии до поголем интерес за изучување технички струки

Од Комората додаваат дека уписната политика што ја одредува рамнотежата на понудата и побарувачката на пазарот на трудот мора да ги следи потребите на стопанството. Конкурсите за упис треба да бидат релевантни на барањата на стопанството и истовремено да се подигнат критериумите за упис за оние квалификации за кои е презаситен пазарот на трудот. Според претставниците на Комората, со воведувањето стипендии за техничките струки се придонесува да се зголеми уписот на учениците во стручните училишта, но и посветеноста на учениците да се стекнат со стручни знаења и практични вештини.
– Со неформалното образование, проблемот може да се надмине преку испорака на брзи, ефективни и временски кратки обуки според барањата на работодавците за квалификации и вештини, но со поголем фокус на практичната обука за специфичните работни процеси во компаниите – дополнуваат од СКСМ.
Дополнителен проблем што би можел да го зголеми недостигот од стручен кадар на домашниот пазар на трудот е растот на недостиг од работници низ европските земји од повеќе области. Работодавците велат дека се свесни за оваа појава, поради што вложуваат во својот кадар преку обуки за надградување на нивните вештини за новите техничко-технолошки процеси.
– Стопанската комора интензивно работеше на почнување со работата на неколку нови совети преку кои се става акцент на трите клучни сегменти кон кои е насочена Комората, а тоа се: извозот, инвестициите и инфраструктурата. Но за да може да се реализира сето тоа, една од важните алки во тој процес е образованието. Затоа, со новоформираните Совет за унапредување на индустриското производство и извозот, Совет за унапредување на високото образование, Совет за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките и Совет за напредни технологии завршува еден процес на суштинска трансформација на Комората наречен „Комора на иднината“, во пресрет на стогодишнината од нејзиното постоење. Крајниот резултат на целиот овој процес треба да биде сосема нов концепт за создавање кадри потребни на бизнисот, како и формирање берза на трудот, доследно имплементирање
на системот на дуално образование и подигнување на капацитетите на арбитражата, медијацијата и судот на честа – укажуваат од СКСМ.

Воспоставување функционална берза на трудот

Од Комората потенцираат дека Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките е формиран заради остварување на специфичните интереси на приватниот сектор, во насока на унапредување на квалитетот на неформалното образование и обезбедување кадар со второ, трето и четврто ниво на квалификации во согласност со потребите на бизнисот. Оттаму потенцираат дека неговата работа е насочена кон унапредување на квалитетот на неформалното образование, вклучувајќи ги и образованието на возрасни и поврзувањето на понудата и побарувачката на работна сила со квалификации, вештини и практично искуство во согласност со потребите на работодавците.
– Советот има цел да се постигне видлив напредок во делот на преквалификацијата, доквалификацијата и другите форми на неформално образование на кои работи Комората, но и да се воспостави функционална берза на трудот за поврзување на понудата и побарувачката на работна сила во земјата и да се обезбеди кадар за потребите на бизнисот. Преку работата на Советот за унапредување на високото образование, му помагаме на стопанството со дополнување на високото формално образование. Ќе настојуваме преку практична настава да се создаваат лидери, да се зголемат вештините за водење бизнис. За првпат, ваквиот концепт ги вклучува и стартапите, кои ќе се поддржуваат не само преку учење вештини туку и преку финансирање добри идеи што ќе бидат поврзани со форуми на инвеститори (преку финансирање од домашни и меѓународни институции). Ова е практична програма што вклучува и менторство, која во фокусот ќе ги има развојот на менаџерските вештини и корпоративните вредности на компаниите. Со тоа ќе дадеме придонес за развој на најбитниот фактор за раст и успешна работа на компаниите, а тоа е човечкиот фактор, иновациите и новите технологии – потенцираат од Комората и додаваат дека нивната цел е да придонесат за зголемување на конкурентноста, ефикасноста, вработувањето и обезбедувањето поголем економски раст во Македонија.