Атина – Во Грција пристигнаа 269 авганистански државјани, мнозинството од нив се судии, додека пак со втор авион треба да пристигнат уште 98 лица. Откако талибанците го презедоа Авганистан, ова е првпат во Грција да стигне голем број авганистански државјани. Од надлежното министерство соопштуваат дека авганистанските државјани ќе бидат привремено сместени во Грција, а нивното пристигнување е во рамките на обврските преземени од земјата и други членки на ЕУ за хуманитарна помош на жителите на Авганистан што се во опасност. („Независен“)

Сараево – Група незадоволни граѓани се собраа вчера на протести пред зградата на канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ во Сараево. Насобраните лица протестираа против наводното уништување на уставноправниот поредок на Босна и Херцеговина. Носејќи транспаренти со порака „Уставите на БиХ и на Германија еднакво мора да се почитуваат“, граѓаните побараа од високиот претставник на БиХ Кристијан Шмит, забрана за политичка активност на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Народното собрание на РС, Недељко Чубриловиќ. („Кликс“)


Бисер балкански

Пар-непар екологија

Од вчера во центарот на Атина се враќаат сообраќајните ограничувања, односно одново се воведува мерката пар-непар за возилата, со цел да се намали сообраќајниот метеж. Возилата со регистарски таблички што завршуваат со парни броеви можат да влезат во конкретно дефинираното централното градско подрачје само во парни денови од месецот, додека оние што завршуваат со непарни броеви можат само во непарни денови. Мерката ќе важи до 22 јули 2022 година, од понеделник до четврток, од 7 до 20 часот, и во петок од 7 до 15 часот. За прекршување на оваа мерка, предвидена е казна од 100 евра.
Исклучок од мерката има за електричните, хибридните и возилата на природен гас, за еуро 6 автомобилите, кои испуштаат под 120 грама јаглерод диоксид на километар, за автомобилите на државните служби, како и на странските дипломатски мисии во Грција, за автомобилите со странски регистарски таблички, за постојаните жители на центарот на Атина, како и за претставници на медиумите, политичките партии и други корисници на возила.
Откако во Грција се укинаа речиси сите рестрикции воведени поради пандемијата, центарот на Атина се соочи со огромен сообраќаен метеж, затоа што граѓаните одбраа да користат автомобили за да го избегнат јавниот превоз.