Постхумно наградени и Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски – Упа

Наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува МФФ „Киненова“ годинава му припадна на македонскиот актер Мето Јовановски.

– Сите ние некојпат сме биле почетници и секојпат некој познат или непознат се случувало да не помогне. Да имаме некаква позадина, поддршка, што е многу важно. Други времиња беа кога јас почнав во седумдесеттите години, други времиња се сега. Не би рекол дека на Милчо Манчевски првиот филм „Пред дождот“ е дебитантски филм, но е еден од неговите први филмови и постогна голем резултат. Нештата немаат правила, честопати се случува во почеток, од многу причини, амбиција, креативност, страв да се успее, дали ќе се успее итн..се случува некои филмови на почетокот да се поуспешни од покасно. Нема правила, нашата работа е колективна, зависи од многу фактори, од сценарио, режисер, партнери, камери, расвета, монтажа…многу фактори се пресудни за на крајот да има добар резултат, но и условите, амбиентот во кој се работи, времето во кое живееме. Филмот е скапа играчка и денес потешко се доаѓа до сретства – рече Јовановски.

Во чест на лауреатот на „Киненова“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов.

– За овој филм толку многу е зборувано, толку многу реплики се знаат и од помладите и од постарите, така што тоа како проект одживеало и сеуште живее, присутен е и овде и во просторите на поранешна Југославија. Повеќе би сакал да зборувам за проект кој сега се создава, креативци луѓе кои работат нов филм, да не живееме на стара слава. Награди добивам и овде и на просторите на поранешна Југославија и не се случило да одбијам награда. Тоа е дел од нашата професија-признанија, награди, аплауз… да ве застануваат на улица. Тоа е сепак присутност во јавноста, рече Јовановски и забележа дака во странство има малку подобар однос кон луѓето кои се занимаваат со култура, не само актери, туку и уметници, музичари.

За секој актер театарот е многу важен.

-Театарот е основа. Но, филмот е една магија која не се дава така лесно. Тетарот за мене е основа. Тоа за мене е вистинската работа за еден актер. Филмот е во рацете на режисерот, а театарот нема други фактори. Во филм може да се случи некој од улица или дете да биде подобар од актерот, но во театарот не е така. Театарот го сакам од секојпат, премногу го сакам, актерите му го посветуваат животот на тетатрот и сум имал можност да одиграм значајни улоги во театар и кај нас и во Сараево, Сплит, Црногорско народно позориште… – рече Јовановски.

Оваа година МФФ „Киненова“ постхумно доделува и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски – Упа.

– Љупчо Тодоровски беше значаен дел од фестивалот, беше еден од неговите основачи и во таа чест се востановува наградата која ќе го носи неговото име и ќе се доделува за најдобро актерско остварување во главната натпреварувачка програма, соопшти директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.