Денеска во Скопје официјално е отворен „Ист Гејт Мол“, инвестиција вредна 103 милиони евра.

Портата на новиот мол во Скопје е отворена за сите посетители, од земјава и регионот, кои ги очекува најбогатата понуда за шопинг и забава во земјата и пошироко.

Трговскиот центар располага со вкупна површина од околу 160 илјади квадратни метри од кои околу 57 илјади квадратни метри е простор за закупување.

Објектот е лоциран на само 5 минути од центарот на градот и веднаш до автопатот М4, а е создаден со помош од над 2.500 вработени.

Во склоп на истиот се простираат 2.000 паркинг места, 220 продавници, кои нудат избор од над 600 брендови, од кои 40 се сосема нови, кои што за прв пат се претставуваат во земјата.

Меѓу многубројните брендови во молот отворена е најголемата „Zara“ на Балканот во чии рамки има и „Zara Home“, како и глобалните брендови Reserved, Mohito, Sinsay, Cropp, House, Armani Exchange, Calvin Klein, Kiko, Milano, Pandora, Mango, XYZ, Patrizia Pepe, Valentino, Tods, Furla, Neptun Electronics, Dsquared2, Massimo Dutti, De Facto, Madame Coco, Babor Cosmetics, Prenatal, Reserved, Oysho, The Athlete’s Foot, Twinset и многу други.

Од денес, „Ист Гејт Мол“ е евидентен доказ на успешно имплементираниот план за зацртаната визија на креаторите да создадат еден сеопфатен гигант, кој што се простира на 5 нивоа, како и да го реализираат позиционирањето на главниот град на европската и глобална шопинг мапа.

Проекциите навестуваат годишен број на околу 12 милиони посетители, а започнувајќи од денес, „Ист Гејт Мол“ на секој посетител ќе му посакува добредојде со пораката„Ти си центар“.

– Ист Гејт Мол од денес за 360 степени го менува концептот за она што претставува еден трговски центар во секое време од годината и со тоа станува најпривлечна дестинација и за посетителите од блиското соседство – истакна главниот извршен директор на компанијата „Скопје Ист Гејт“, Игор Давков на официјалното отворање.

Ист Гејт Мол е инвестиција на Балфин Групацијата (Balfin Group), чие портфолио опфаќа многубројни сектори како недвижнини, туризам, енергетика, банкарство, и многу други. Балфин Груп (Balfin Group) е присутна на австрискиот, албанскиот, косовскиот, босанскиот (БиХ), македонскиот, холандскиот и црногорскиот пазар.

Трговскиот центар е само еден сегмент од мултифункционалниот проект „Скопје Ист Гејт“ кој предвидува и изградба на резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна бруто изградена површина од над 500.000 квадратни метри.

Вкупната инвестиција на целиот проект се проценува на околу 350 милиони евра.