Со 1,6 милион долари досега се подготвени 58 квалитетни технички документации за проекти во 47 општини и два регионални центри. Сите овие проекти се подготвени за реализација, а за нивно финансирање ќе бидат потребни 126 милиони долари, истакна вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на Тркалезната маса за финансирање инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување.
Проектите, како што напомена Битиќи, ќе придонесат за подобар живот на граѓаните, а додадена вредност е што се зајакнуваат капацитетите на локалните самоуправи.
– Идејата за проектот потекна од централната власт, која препозна недостиг од квалитетни технички документации на локално ниво. Мора да се посветиме на проекти за реалните потреби на граѓаните и тука нема компромис. Ваквиот тип структурна поддршка, со која е подготвувана квалитетна техничка документација, се надевам дека ќе мобилизира повеќе инвестиции – нагласи вицепремиерот.
Тој додаде дека останува владиниот приоритет за рамномерен регионален развој, поради што продолжуваат подготвувањето и спроведувањето проекти за подобрување на патната и железничката инфраструктура, водоводи и канализации, градинки, училишта, амбуланти…
Битиќи најави и дека првпат ќе се формира централна единица за мониторинг и спроведување капитални проекти, која ќе гарантира нивно ефикасно спроведување.
Шведската амбасадорка во земјава, Кристин Форсгрен Бенгтсон, ги поздрави ваквите заложби, истакнувајќи дека во Шведска се нагласува потребата од зелени инвестиции.
– Кога видов кои проекти се поддржани, ми беше мило дека се многу различни – и во делот на физичката инфраструктура, како патишта и транспорт, но има инвестиции и од социјален аспект: училишта, градинки, амбуланти. Во Шведска ја нагласуваме потребата од зелени инвестиции и енергетски ефикасни решенија, како кај згради или еколошки извори на енергија – рече Форсгрен Бенгтсон.
Амбасадорката информира и дека шведската влада усвои долгорочна седумгодишна стратегија, до 2027 година, особено за Западен Балкан и Турција, во која е опфатена и нашата земја.