Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на Евростат за 2020 година, најлошо рангирана земја од регионот е Албанија, каде што над половина од населението (51 отсто) биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, а следуваат Црна Гора со 40 отсто од популацијата, па Турција со 38 отсто сиромашни граѓани

Статистичките показатели загрижуваат

Во земјите од Балканот расте бројот на граѓаните што се наоѓаат во зоната на сиромаштија. Според статистичката агенција на Европската Унија – Евростат за 2020 година, најлошо рангирана земја од регионот е Албанија, каде што над половина од населението (51 отсто) биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Македонија е меѓу земјите со висок ризик од изложеност од сиромаштија, но сепак дури на четвртото место во рангирањето.
По Албанија следуваат Црна Гора со 40 отсто од популацијата, па Турција со 38 проценти и Македонија со околу 35 проценти од населението изложено на ризик од сиромаштија.
Просечниот ризик од сиромаштија и социјална исклученост, според Евростат, е 21,9 отсто, што се однесува на 96,5 милиони луѓе. Под ризик од сиромаштија се подразбираат домаќинства што се соочуваат со тешка материјална и социјална ранливост, не можат да си дозволат одредени материјални работи или социјални активности или имаат многу низок интензитет на работа, ниво на образование и друго, пренесе вчера Радио Слободна Европа.
Последиците од корона-кризата се одразија драстично на животниот стандард на граѓаните во Босна и Херцеговина, кои по бранот отпуштања и налетот на новите поскапувања на основните животни продукти, ја преминаа просечната линија на сиромаштијата. Според постојните процени, во БиХ од почетокот на пандемијата работата ја изгубиле 32.000 лица, од нив девет илјади се во ентитетот Република Српска, а 23 илјади во Федерацијата БиХ, вели Жарко Папиќ, економски аналитичар и директор на Иницијативата за подобра и хумана инклузија.

Во извештајот на Светската банка под називот „Економско и социјално влијание на ковид-19“ се проценува дека потрошувачката во БиХ ќе опадне од 3,5 до 6,7 отсто, што ќе доведе до зголемување на сиромаштијата, посебно меѓу работниците.
– Пред пандемијата, сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори изнесувала околу девет отсто. Меѓутоа, оваа стапка веројатно ќе порасне меѓу 11 и 15 отсто. Загрижувачки е тоа што над 60 отсто од луѓето што ќе станат сиромашни поради здравствената криза, моментално нема да бидат опфатени со некакви програми за социјална заштита – се наведува во документот на Светската банка, пренесува Радио Слободна Европа.
Медиумите во Србија деновиве објавија дека 500 илјади лица во Србија живеат под границата на сиромаштија. Зоран Стоилковиќ, претседател на здружените грански синдикати „Независност“, вели дека една четвртина од граѓаните имаат статус на сиромашни, додека 40 отсто од населението имаат приходи помали од 45 илјади динари. Минимална плата во Србија добиваат меѓу 350 и 370 илјади жители, која изнесува 32.126 динари, а оваа сума не е доволна да го покрие износот на минималната потрошувачка кошничка од 36 илјади динари.
На лошата социјална слика во Србија предупредија и од невладината организација „Иницијатива А11“, која предупредува на сѐ поголемиот број луѓе што бараат социјална помош. Поради тоа, од оваа организација се обидуваа да го насочат вниманието на јавноста дека проблемот со сиромаштијата не е лична работа на поединците, туку претставува повреда на повеќе човекови права, за што е потребна помош и од државата. Во Србија помладите лица од 18 години биле најмногу изложени на ризик од сиромаштија или 24,2 отсто, како и лицата на возраст од 18 до 24 години со 23,6 отсто. Најниска стапка на ризик од сиромаштија имале лицата од 25 до 54 години или 19,6 отсто.

Стапката на ризик од сиромаштија во Хрватска лани изнесувала 18,3 отсто, додека бројот на лицата изложени на ризик од сиромаштија е 23,2 отсто, а во тешка материјална состојба биле 6,9 отсто, предупредија од Независниот хрватски синдикат, по повод 17 октомври – Меѓународниот ден на борбата против сиромаштијата.
Нето-минималната плата за 2021 година изнесувала 3.400 куни, а просечната нето-плата во јуни била 7.046 куни. Просечното хрватско домаќинство од редовните приходи може да покрие само три четвртини од редовните месечни расходи, а поголемиот дел од домаќинствата се присилени да ги пренасочуваат потребите или да се задолжуваат, пишува „Вечерњи лист“.
Кредитната задолженоста на граѓаните во Хрватска во април 2021 година пораснала на 138,9 милијарди куни, што е за 4,2 милијарди повеќе од претходниот период. Податоците на Европскиот синдикален институт покажуваат дека од 2009 година Хрватска имала најголем раст на лицата што не можат да си дозволат греење, за 16,5 отсто, и тоа е највисок пораст во целата Европска Унија. Во Хрватска околу 5 отсто од вработените се во зоната на сиромаштија. Како најзагрозени социјални категории се невработените, старечките домаќинства, семејствата со повеќе деца, еднородителските домаќинства и пензионерите.