Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нови фабрики во индустриската зона Бунарџик

Американската компанија од автомобилската индустрија „Дура аутомотив системс“, покрај постојната, ќе гради уште две фабрики во технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2, позната и како Бунарџик. Во новите капацитети компанијата ќе произведува компоненти за светски автомобилски компании и ќе отвори 980 нови работни места.
Компанијата веќе почна со произвoдство во својот прв капацитет во државава.
„Дура аутомотив стракшн“ е името на едниот од новите капацитети во кој ќе се произведуваат алуминиумски рамки за литиумски батерии за електрични возила, како компоненти за автомобили од премиум-класа. Фабриката ќе биде со големина од приближно 25.000 квадратни метри, а почетокот на производство се планира за првиот квартал на 2021 година. Петгодишниот инвестициски циклус од 2019 до 2023 година е проценет на повеќе од 48 милиони евра и ќе отвори 780 работни места. Втората нова фабрика „Дура аутомотив екстружанс“ ќе произведува алуминиумски ултра лесни профили за електрични возила. Почетокот на производството во капацитетот на површина од 10.000 квадратни метри, исто така е најавен за една година. И таму се планираат петгодишен инвестициски циклус од 20 милиони евра и 200 нови работни места.