Златото со највисока историска вредност

Цената на златото во вторникот ја достигна највисоката историска вредност изразена во евра и во швајцарски франци. Тоа се случи бидејќи инвеститорите бараат сигурно засолниште за својот капитал, додека главните берзански индекси губат вредност.
Златото во однос на франкот зајакна 13,5 отсто изминатиот месец, а дури 36,72 отсто во последните 12 месеци.
Како и претходните денови, на тоа најмногу влијаеја процените за последиците од пандемијата на коронавирусот врз светската економија и за намаленото производство на нафта, договорено неодамна меѓу најголемите светски производители на црното злато.

Ворен Бафет за трендовите на светските берзи: Ова не сум го видел досега

Еден од најпознатите светски инвеститори и шеф на американскиот конгломерат „Беркшир Хетвеј“, Ворен Бафет, во интервју за „МаркетВоч“ рече дека „вакви трендови на светските берзи не видел 89 години“, односно откако е жив.
Бафет, на прашање на новинарот што се случува на Волстрит, преку насмевка одговори дека „на берзите е можно сè да се доживее доколку доволно долго се задржите таму“.
Тој повлече паралела меѓу моменталната паника на Волстрит со онаа од 1987 година, кога нагло и неочекувано во настанот познат како Црниот понеделник светските берзи загубија 1,7 билион долари.
Бафет ги посоветува инвеститорите сега да ги следат берзите „од секунда во секунда“ бидејќи секоја вест има драматично влијание врз растот или падот на цените на акциите.

Австриската железница ги пријавува вработените на половина работно време

Австриската железница (ОеББ) е принудена поради коронавирусот да ги искористи сите можности за заштеда што ѝ стојат на располагање, така што 10.000 вработени ќе бидат пријавени на скратено работно време.
Веќе е постигнат договор со Советот на работници, а со оваа мерка ќе бидат погодени сектори на концернот, кои во моментот имаат помалку работа. Така, вработените во „Постбус“, автобуски превоз што обично превезува ученици, ќе бидат пријавени на скратено работно време. Исто така, погодена е и туристичката агенција „Рејлтурс“, како и поголемиот дел од групацијата „Рејл Карго“, бидејќи обемот на товарот е намален за речиси четвртина во споредба со минатата година.