Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу е важно да ја сфатиме улогата што ја има спортот во нашиот живот – токму во тешки времиња како овие. Природата на спортот се крие во „доброволниот обид за надминување креирани проблеми, во согласност со претходно востановени правила“. Ваквите правила мотивираат, поттикнуваат, охрабруваат, обединуваат, но и наложуваат употреба на специјални вештини со чија помош ќе ја постигнеме целта…

Зошто спортските натпревари се важни сега, повеќе од кога било порано?

Поради актуелната пандемија на коронавирусот, повеќето од спортските активности во моментов се ставени во „состојба на мирување“. Олимписките игри во Токио, првенството во американската кошаркарска лига НБА, фудбалската Лига на шампиони, заедно со голем број други значајни турнири и настани, едноставно се ставени на стендбај. Првпат по Втората светска војна е откажан тенискиот спектакл на Вимблдон. Вакви одложувања и откажувања се применуваат дури и за најобични рекреативни натпреварувања.

Да се остави сега спортот настрана, има поважни работи?!

Имајќи го предвид влијанието на секој голем собир врз натамошното ширење на пандемијата, неколкумина спортски коментатори излегоа со констатација дека во овој период спортот не е важен. Еден познат спортски новинар на „Њујорк тајмс“ подуплашено апелира: „Одложете, откажете, како било. Сега има поважни работи за размислување. Конечно, тоа е само спорт“, вели тој, коментирајќи го откажувањето на Лигата на шампиони.
Ова потсети на популарната изјава од поранешниот италијански фудбалер и тренер Ариго Саки: „Фудбалот е најважната од сите неважни работи во животот“. Во време кога сите размислуваме најмногу за кршливоста на самиот живот, излезе дека оваа реченица е повеќе од вистинита. Истовремено, спортските филозофи сметаат дека е многу важно да ја сфатиме улогата што ја има спортот во нашиот живот – дури и во тешки времиња како овие.

Логиката на спортот

Смислата на спортот, како што тврди филозофот Бернард Сутс, се крие во „доброволниот обид за надминување креирани проблеми, во согласност со претходно востановени правила“.
Ваквите правила наложуваат употреба на специјални физички вештини со чија помош ќе се постигне целта. На пример, фудбалските правила им забрануваат на играчите да ја допираат топката со раце, дозволувајќи им да ги користат само нозете и главата во својата атака кон голот на противникот. Всушност, според некои, спортот е активност што функционира врз база на „бескорисна логика“. Со други зборови – да речеме кога се работи за фудбал – учесниците се обидуваат да решат измислен и наметнат проблем, на начин што шутираат една топка низ теренот и кон противничката мрежа, само за да го решат „проблемот“. Но токму во ваква ситуација на општа вонредна состојба се гледа дека тоа ни оддалеку не е точно.

Вредноста на спортот

Од друга страна, сега сѐ повеќе излегуваат на виделина тврдењата дека спортот извршува човечки активности што се далеку од бескорисни. Само како пример, спортот обезбедува простор за усовршување различни видови способности и помага во изградба на карактерот на личноста. „Нешнал интерест“ во еден од своите написи широко се осврна на оваа тема. Имено, филозофот Хозе Ортега и Гасет истакнува дека, во основа, улогата на спортот е еден урнек за добро живеење – поточно, за водење витален живот. Тој им препорачува на луѓето да му пристапат на својот живот со истиот оној дух што ги инспирира да се занимаваат со спорт. Всушност, нашиот живот би требало да е исполнет со натпреварувачки физички предизвици, кои не се неопходни, туку само доброволни.
Слично на него, филозофот Томас Хурка го вклучува спортот меѓу оние натпреварувачки активности што бараат посветеност, планирање и прецизност. Хурка нагласува дека овие активности се вредни поради напорот што треба да се вложи во обидот да се постигне нешто. Или како што вели тој: „Стискањето палци не може да го наречеме постигнување, затоа што е премногу лесно да се изведе. Постигнувањата мора да бидат резултат на предизвици – колку повеќе предизвици, толку подобро.“

Спортот и ентузијазмот за живот

Обидот да се постигнат тешки цели бара одреден степен на посветеност. Во таа смисла, ангажирањето во спортски активности на некој начин значи перфекционистички начин на живот.
Во своите размислувања за правдата и квалитетниот живот, филозофот Џон Ролс ја застапува тезата дека перфекционизмот бара најсилна посветеност на патот кон човечкото совршенство (а ние додаваме – совршенство во однос на физичките способности). Во тој поглед, етичкиот филозоф Дерек Парфит, инаку колега на Ролс, го поддржува ставот дека перфекционизмот вклучува постигнување или реализација на „најдобрите нешта во животот“.
Оттука, гледано од перфекционистички аспект, квалитетното живеење бара поединците сесрдно да се посветат на големи потфати. Спортот му нуди на човештвото токму таков ентузијазам. Конечно, преку посветеноста кон одреден спорт, поединците ја градат страста за вежбање и тренирање, а наедно го зајакнуваат својот елан во потрагата по совршенство.

Спортот и општествената заедница

Спортот ги поврзува луѓето. Искусните спортски познавачи укажуваат на фактот дека спортот им помага на човечките заедници да ја раскажат својата приказна. Со други зборови, спортот им овозможува на луѓето да создадат заеднички идентитет. Покрај тоа што се етаблираат како посебни индивидуи додека спортуваат, со учеството во спортски активности, тие се докажуваат и како членови на пошироката заедница. Ниту една современа држава со воспоставена фудбалска култура не може целосно да се разбере, без притоа да се анализира нејзината страст за спортската игра. Еве еден пример: шпанската фудбалска репрезентација веќе одамна е позната по борбениот и тимски стил на игра наречен „црвената фурија“. Па, така, кога Шпанците се соочени со некаква неволја или несреќни околности и мораат колективно да ги надминат големите предизвици, тие се гледаат себеси како отелотворение на „црвената фурија“, огледувајќи се на стилот на игра на својот национален фудбалски тим.
Спортскиот историчар Марк Дајресон нуди уште еден пример – долгогодишното американско учество во меѓународниот спорт поттикна нови дискусии и борби за праведност, капацитет и непристрасност.

Сетете се само на цврсто стиснатите победнички тупаници на Томи Смит и Џон Карлос, како поддршка на „црнечката сила“, за време на церемонијата на врачување медали за трката на 200 метри, за време на Олимписките игри во Мексико (1968). Намерата беше да се привлече вниманието на светската јавност во однос на расизмот во Америка.
Со ова не сакаме да кажеме дека бараме од владите да ги олабават рестрикциите и да продолжат со одржување спортски натпревари. Напротив, ова е само едно мало потсетување за важноста на спортот, кој толку многу им недостига на огромен број луѓе во светот, заклучуваат авторите на написот во „Нешнал интерест“.