Пад на приходите на авиокомпаниите поради коронавирусот
Приходите на авиокомпаниите ќе се намалат оваа година поради епидемијата на коронавирусот за минимално 63 милијарди американски долари, објави Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА), удвојувајќи ја досегашната процена.
Оваа процена е направена врз претпоставката дека ковид-19 би можел да се стави под контрола, но доколку вирусот продолжи да се шири, тој износ би можел да порасне на 113 милијарди долари, предупредува ИАТА.
Според сценариото што предвидува неконтролирано ширење на вирусот, глобалната побарувачка за патувања би паднала оваа година за 19 отсто.
Многу воздухопловни компании веќе ги намалуваат капацитетите и трошоците, а ИАТА смета дека владите би требало да им дадат помош и да размислат за мерки за поттикнување, како даночни олеснувања, пониски такси и пофлексибилни прописи при доделувањето слотови на аеродромите.
„Хуавеи“ ќе гради фабрика во Франција без оглед на одлуката за 5Г
Кинеската компанија „Хуавеи“ ќе гради фабрика во Франција, без оглед на одлуката на француската влада за тоа дали ќе ја користи нивната опрема во новата 5Г-мрежа.
Најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема соопшти уште минатата недела дека планира изградба на фабрика во Франција за да се ублажи загриженоста низ светот поради американските обвинувања дека Кина би можела да ја користи опремата на „Хуавеи“ за шпионирање. Кинеската компанија негира дека нејзината опрема претставува безбедносен ризик.
„Хуавеи“ минатата недела соопшти дека ќе инвестира 200 милиони евра во првата фаза на изградба на фабрика за производство на базни станици, без да ја објави точната локација.
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер изјави дека изградбата на фабриката на „Хуавеи“ нема да влијае врз владиниот став за трите главни производители на 5Г-опрема. Официјално на „Хуавеи“ и на неговите европски конкуренти „Нокија“ и „Ериксон“ им е дозволено работење во Франција, но извори блиски до француската телекомуникациска индустрија велат дека стравуваат дека „Хуавеи“ би можел да биде забранет дури и ако нема официјална забрана.
– Позицијата што преовладува во врска со 5Г е многу јасна. Нема да дискриминираме ниту една компанија, ниту кинеска, ниту американска. Едноставно внимаваме на своите безбедносни и стратегиски интереси – порача Ле Мер.