Фото: Маја Јаневска-Илиева

Под мотото „Ти не си виновна!“ вчера се одржа четвртиот по ред марш за женски права, кој традиционално по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март се организира од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.
Маршот, на кој учествуваа стотици учеснички и учесници, почна од плоштадот „Филип Втори“, преку Камени мост и плоштадот „Македонија“, а заврши во паркот „Жена-борец“.

– На 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за општествените појави и системските недостатоци што го загрозуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни, оваа година маршираме под слоганот „Ти не си виновна!“. Осми март е ден кога ја славиме секоја борба, секој глас, секој отпор! Поттикнати од случајот „Јавна соба“, годинешниот марш за женски права гласно и недвосмислено им го посветуваме на жртвите на родово базирано насилство – рекоа организаторките во прогласот.
Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права, составена од 22 организации и мрежи што здружено дејствуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост во Македонија.