Повод: Инциденти по повод Денот на албанското знаме
- Националните симболи заслужуваат почит, но ниту еден симбол не може да биде над државата, државните симболи, над законот и над достоинството на другите заедници. Секое славење што произведува политичко насилство, беззаконие, провокации и меѓуетнички тензии ја поткопува Македонија. Искажувањето на патриотски чувства веќе не смее да биде алатка за дестабилизација
Националното знаме е симбол на историскиот континуитет, колективниот идентитет и достоинството на еден народ. Неговото чествување е легитимно право, но тоа право не подразбира суспензија на законите, непочитување на државните институции или негирање на достоинството на другите етнички заедници. Токму тука се наоѓа границата меѓу цивилизираното чествување и политичката злоупотреба на националните чувства. Настаните поврзани со одбележувањето на Денот на албанското знаме во Македонија повторно отворија сериозни прашања за почитувањето на јавниот ред, државните симболи и владеењето на правото.
Според информациите на МВР, регистрирани се 13 нарушувања на јавниот ред и мир во Скопје, Тетово, Охрид и Куманово. Три лица биле лишени од слобода, поднесени се две кривични пријави, а составени се десет прекршочни записници. Бројките се предупредување дека славењето, во одредени случаи, се претвора во простор за постапки што не можат да се оправдаат со никакво повикување на идентитетот на некој колективитет.
ШТО ПОКАЖУВААТ РЕГИСТРИРАНИТЕ НАРУШУВАЊА?
Меѓу регистрираните настани се издвојуваат повеќе сериозни појави:
- Отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците.
- Истакнување албански знамиња во училиште во Струга без истовремено поставување на македонското државно знаме, поради што е најавена прекршочна постапка против одговорното лице.
- Поставување знамиња на Република Албанија на градскиот плоштад во Кичево, за што полицијата составила записник за прекршок.
- Поставување албанско знаме на полициско возило во Тетово.
- Употреба на пиротехнички средства на градскиот плоштад во Тетово од страна на малолетници.
- Безобѕирно управување со моторно возило, како и регистрирани сообраќајни прекршоци во Скопје.
- Недолично однесување и нарушување на јавниот ред.
- Пронаоѓање пиштол „Црвена застава“ со рамка и пет куршуми кај лице затекнато за време на автомобилско дефиле во Куманово, кое било лишено од слобода поради сомнение за недозволено поседување оружје.
Секој од овие случаи има своја правна тежина и бара индивидуално утврдување на одговорноста. Но, нивното групирање во рамките на едно национално чествување создава загрижувачка слика за односот кон јавниот простор, институциите и законите.
ПРАВОТО НА ЧЕСТВУВАЊЕ НЕ Е ПРАВО НА НЕПОЧИТУВАЊЕ
– Се разбира дека албанското знаме има свое историско и национално значење и никој не го оспорува правото на Албанците во Македонија достоинствено да го чествуваат. Но, за тоа постојат законски утврдени правила, институционален ред и прописи за употреба на знамињата. Истовремено, државното знаме на Македонија не е декор што може да се отстранува, потиснува или игнорира кога некому му одговара поинаква политичка или симболичка слика. Исто така, знамињата и обележјата на другите заедници не смеат да бидат предмет на понижување или демонстрација на надмоќ. Мултиетничкото општество не е исто што и мултиетничка држава. Унитарна Македонија значи дека Уставот и законите го дефинираат ова устројство, што апсолутно треба да се почитува од страна на граѓаните доколку сакаме правна држава и владеење на правото, а секое поинакво однесување ја разградува довербата врз која почива заедничкиот живот – вели наш соговорник, универзитетски професор на Факултетот за безбедност од Скопје, додавајќи загрижено дека оваа политичко-насилна матрица се повторува со децении.
ДАЛИ СТАНУВА ЗБОР ЗА ИНЦИДЕНТИ ИЛИ ЗА ПОЛИТИЧКА МАТРИЦА?
– Особено загрижува фактот што слични појави не се случуваат изолирано, туку се повторуваат со години. Токму континуитетот на одредени провокации, демонстративното непочитување на државните симболи и создавањето тензична атмосфера на јавни собири отвораат прашање што институциите не смеат да го игнорираат. Веќе тешко дека не го знаеме одговорот на дилемата дали станува збор само за поединечни неодговорни постапки или постои поширока политичка матрица што намерно ги поттикнува ваквите ситуации. Институциите повторно треба да ја испитаат можноста од координирани дејствија, политичко инструментализирање на националните чувства и намерно создавање слика за Македонија како држава со трајно нарушени меѓуетнички односи. Во регион во кој безбедносните тензии лесно се прелеваат преку границите, секоја внатрешна провокација добива поширока димензија. Македонија не смее да дозволи да стане сцена за сценарија во кои меѓуетничката недоверба се претвора во политички капитал, а инцидентите во аргумент за наводна нестабилност на државата – анализира професорот.
ЗАКОНОТ МОРА ДА ВАЖИ ЗА СИТЕ
Според друг соговорник, професор по социологија, одговорноста ја имаат институциите, но пред сè ја носи секој граѓанин, кој свесно управува со своите постапки.
– Мислам дека многу повеќе треба да се работи со граѓаните, и тоа од најмала возраст, низ процесите на образованието, но и преку вонучилишните активности. Од најмала возраст се создава една универзална вредносна матрица на воспитување, која во подоцнежните години се валоризира во изградба на граѓани кои, унапредувајќи се себеси, го унапредуваат и своето опкружување, а со тоа и државата – вели професорот по социологија.
Друг соговорник, правник и стручен соработник во правосудните органи, вели дека МВР мора да ги документира сите настани, обвинителството да постапи таму каде што постојат елементи на кривична одговорност, а надлежните органи да обезбедат неселективна примена на законите.
– Не смее да има привилегирани прекршители, без оглед на нивната етничка припадност, политичка припадност или мотивите со кои ги оправдуваат своите постапки. Законитоста не смее да биде предмет на етничко пазарење, ниту правдата да се применува селективно заради политички калкулации – вели тој, но, слично како и професорот по социологија, додава дека е потребна и поширока општествена промена.
– Граѓаните мора свесно да го напуштат сфаќањето дека националната припадност дава право на демонстрација на сила. Симболите, историјата, личностите и историските настани вистински се чествуваат со достоинство, култура и почитување на другиот. Знамето не станува повредно ако се истакне повисоко од државното. Историјата не станува поголема ако се понижи туѓата. А патриотизмот не станува посилен ако се прекрши законот – вели соговорникот.
Македонија има потреба од граѓани кои ќе ги почитуваат сопствените национални обележја, но и од граѓани кои ќе ги почитуваат државата и достоинството на сите други. Тоа е суштината на заедничкиот живот, а не политичката декларација за соживот. Затоа, секое однесување надвор од законот мора да биде санкционирано според законот. Без исклучоци, без етнички калкулации и без политички компромиси.
– Ако сакаме правна држава и владеење на правото, мора да разбереме една едноставна вистина, а тоа е дека во Македонија може да се чествуваат различни знамиња, но законот мора да биде еден и ист за сите – поентираат со сличен став сите наши соговорници на оваа тема.


































