„Заборавете на гневот, заборавете на лошите зборови, напротив, уживајте во играта и почитувајте го противникот. Насилството сите нè боли, навредливо е и незамисливо, но претставува сложен феномен – истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова на панел-дискусијата „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, која денеска се одржа во Битола.
Пред членовите на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, кое беше организатор и домаќин на дискусијата, Силјановска-Давкова порача дека едукацијата за спречување на насилството треба да почне уште од основното образование, па дури и во детските градинки.
– Ако се легитимира употребата на сила, ако некои таканаречени јунаци добиваат важен општествен статус и ако некој се восхитува на лошите зборови или на примената на сила, што е сосема погрешно, тогаш пораката е лоша. Затоа мораме уште во основно училиште, а можеби и во детските градинки, да почнеме да ги учиме децата за ненасилство, да ги учиме дека зборот боли. Секогаш кога ќе се соочите со насилство и ќе го прашате оној што е жртва, ќе ви каже дека претходно имало насилство со зборови. Не смееме да го толерираме тоа и затоа уште во основното образование, но и во гимназијата, треба да знаеме дека многу тешки работи можат да се кажат со зборови – нагласи претседателката.
На интерактивниот панел, кој се одржа во Офицерскиот дом во Битола во рамки на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер плеј“, учествуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ги истакна инвестициите на локалната самоуправа во развојот на спортот.
– Спортот ги поврзува луѓето, ги зближува сите, без разлика на верата, нацијата или економскиот статус. Спортот поврзува на теренот и на трибините. Затоа ние, како локална самоуправа, со поддршка на Владата преку Министерството за спорт, ги обновивме сите училишни и спортски терени во градот, а изградивме и спортски сали за младите да спортуваат и да се рекреираат – истакна Коњановски.
На панел-дискусијата беше презентиран и документарен филм, во кој беше нагласена социјалната инклузија на младите со помалку можности, нивното активно учество во процесите на донесување одлуки, како и други аспекти во поддршка на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“.

































