Фото: Тони Гламчевски

Нови протести против високите животни трошоци, собири во поддршка на младите и маршеви против насилството врз жените ја одбележуваат денешната сабота во Франција. Демонстрации се одржуваат или се најавени во повеќе градови, неколку дена пред националниот ден на штрајк и протести закажан за 1 декември.

Според АФП, чија информација ја пренесува „Ле Паризиен“, националната координација на „Жолтите елеци“ повика на седмата последователна саботна мобилизација против скапиот живот. Движењето најави приклучување кон протестите против родовото и сексуалното насилство, на кои повикаа и младински и феминистички организации.

Во Нанси, протестот против високите животни трошоци и во поддршка на младинската мобилизација е придружен со силно полициско присуство и тензии меѓу полицијата и демонстрантите. Локалниот синдикат „Солидер“ го најави собирањето за 14 часот на Кур Леополд.

Регионалниот весник „Л’Ест републикен“ објави дека, за разлика од претходната сабота, денешниот марш во Нанси е уредно пријавен, а маршрутата е усогласена со префектурата. Собирањата и поворките надвор од утврдената траса се забранети.

Во Париз се организираат два одделни марша против насилството врз жените. Како што известува „Ле Паризиен“, едниот е најавен од Пантеонот кон плоштадот Италија, а другиот од плоштадот Република кон плоштадот Нација. Координацијата на „Жолтите елеци“ повика на приклучување кон мобилизацијата, поврзувајќи ги барањата за подобар животен стандард со борбата против нееднаквоста и насилството.

И во Лион е најавен марш против родовото и сексуалното насилство, со почеток во 15 часот на плоштадот Белкур и завршница на плоштадот Жан Масе. Според регионалниот весник „Ле Прогре“, префектурата ја одобрила оваа маршрута, додека за други собири вовела ограничувања во делови од градот.

Во пресрет на демонстрациите, министерот за внатрешни работи Лоран Нунез побарал од префектите мерки за спречување инциденти, со посебно внимание на божиќните пазари. АФП наведува дека полициската управа истовремено ја продолжила суспензијата на употребата на зашеметувачки гранати „до понатамошно известување“.

Следниот голем синдикален повик е за вторник, 1 декември. Како што објави францускиот образовен портал „Кафе педагожик“, осум синдикални организации од јавниот сектор бараат повисоки плати и подобри услови за професионално напредување. Тие оценуваат дека владините одговори на досегашните мобилизации се недоволни.

Синдикатот ЦГТ во својот повик бара зголемување на платите и пензиите, зајакнување на јавните услуги и промена на буџетските приоритети за 2027 година. Како причини за мобилизацијата ги посочува високите животни трошоци, стагнацијата на платите и несигурното вработување.

Во Нанси, според соопштението на локалната синдикална организација, за 1 декември е најавен собир на плоштадот Домбал. На него се повикани вработените од јавниот и приватниот сектор, пензионерите, невработените, студентите и младите.