Вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, денеска во Охрид изјави дека вклучувањето на младите во политичките процеси е важно за иднината на регионот и за задржувањето на младите луѓе во нивните земји. Изјавата ја даде по билатералната средба со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамките на Процесот Брдо-Бриони.
Чупиќ посочи дека со македонската претседателка разговарале за лични теми и за нивните симпатии кон младите, нагласувајќи дека нивното активно учество во политичките процеси може да биде значајно за регионот.
Тој се воздржа од коментар за односите и билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија, но оцени дека Процесот Брдо-Бриони е пример за тоа како земјите членки на Европската Унија можат преку иницијативи и споделување искуства да им помогнат на државите што се на европскиот пат.
-Процесот Брдо-Бриони е пример како можат државите кои се веќе во Европската Унија да имаат некакви иницијативи и своите искуства да ни ги понудат нам, кои сме на тој пат. Не сум потполно запознаен, нешто претседателката Гордана Силјановска-Давкова прокоментира, но би се воздржал за односот меѓу Македонија и Бугарија. Мислам дека можеби и на Бугарија ѝ е овде место, ако е веќе членка на ЕУ и таа да помогне. Сите сме во ист регион – рече Чупиќ.
Тој оцени дека билатералните средби со регионалните лидери, меѓу кои Жељка Цвијановиќ, Јаков Милатовиќ и Гордана Силјановска-Давкова, биле пријателски и дека на нив бил воспоставен нов квалитет на комуникација.
Чупиќ истакна дека учеството на самитот во Охрид е негов прв меѓународен самит, кој истовремено му донел задоволство, но и загриженост поради пропуштените можности и времето што Србија го изгубила. Според него, регионот не бил секогаш во фокусот на српската надворешна политика, поради што, како што рече, му било особено значајно што неговата прва посета била регионална.
Тој нагласи дека добрите односи со соседите ги смета за природни и важни, посочувајќи дека тоа е принцип што го применува и во личниот живот.
-Тоа го прокоментирав и со претседателката на Македонија, дека јас како човек од народот, како некој што живее на село, прво што гледам е да имам што подобри односи во својата улица, во своето соседство и мислам дека мене тоа некако ми е потполно природно, така што, околу тоа се согласивме. Не влегувавме во детали, зашто јас ја почитувам својата сегашна позиција и она што ние го предложивме во текот на предизборната кампања како вредности – држење до своите ингеренции – рече Чупиќ.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова се сретна со Чупиќ на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, кој се одржува во Охрид. Како што информираат од Кабинетот на претседателката, таа најнапред му ја честитала изборната победа и изборот за претседател на Народното собрание, оценувајќи дека неговото присуство е особено значајно за решавање на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован на заемна почит и разбирање.
Силјановска-Давкова изразила уверување дека македонско-српските односи, потпирајќи се на традиционалното пријателство меѓу двата народа и граѓаните, ќе продолжат да се развиваат со засилено темпо во областите на образованието, науката, културата, туризмот и дигитализацијата.
Чупиќ оценил дека самитот во Охрид е порака за значењето на добрососедството, поддржувајќи ја и идејата на претседателката за вклучување на младите во состаноците на регионалните лидери. Тој ја поздравил отвореноста на Процесот Брдо-Бриони, која, како што истакнал, се потврдува и со одржувањето на самитот во Охрид.
Силјановска-Давкова ја истакнала широката и плодна економска соработка меѓу двете земји, посочувајќи дека Србија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на Македонија.
Двајцата соговорници оцениле дека образовната, научната и културната соработка претставуваат значаен потенцијал за понатамошно унапредување на билатералните односи, а македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија ги препознале како цврст мост на пријателство и зближување меѓу двата народа.
































