Фото: МИА

Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор за вработените во културата во целина. Одлуката ќе стапи во сила на 1 април 2027 година, дотогаш Министерството за култура, синдикатите и другите социјални партнери треба да подготват нов колективен договор, усогласен со законските прописи.

Според образложението на Уставниот суд, проблемот е во тоа што во Законот за култура и во Колективниот договор не е утврдена јасна методологија за пресметка на платите. Судот смета дека основата за утврдување на платите мора да биде дефинирана со закон, а дополнително разработена со колективен договор.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на попладневната прес-конференција појасни дека одложеното стапување во сила на одлуката е со цел да им се остави доволно време на засегнатите страни да постигнат договор и да се избегнат последиците од нејзиното непосредно спроведување.

– Мнозинството судии оценија дека е потребно да дадеме одложен рок на правниот ефект на нашата одлука затоа што сме свесни за последиците што ќе настапат доколку донесовме веднаш одлука и веднаш ја објавевме во Службен весник. На овој начин ние, во суштина, оставаме простор од безмалку пет месеци засегнатите страни, значи партнерите во социјалниот дијалог, Министерството за култура, синдикатите да седнат и да работат на нов колективен договор – изјави Костадиновски.

Осврнувајќи се на протестот на вработените во културата, кои денеска се собраа пред Уставниот суд, тој рече дека ги разбира незадоволството и реакциите, но нагласи дека задачата на Судот е да го штити уставниот поредок, а не да носи популарни одлуки.

Судијата известител во предметот, Татјана Васиќ-Бозаџиева, посочи дека Собранието треба да ги измени и дополни одредбите од Законот за култура, со цел да се утврди методологија за пресметка на платите на вработените во културните установи.

Таа објасни дека е потребно работните места да бидат систематизирани и поврзани со степенот на сложеност и соодветните коефициенти, кои треба да бидат утврдени во самиот закон.

– Потребно е во Законот за култура да се утврди методологијата за пресметка на платите, она што е, всушност, стандард за службениците, односно вработените во јавниот сектор, вклучувајќи ги и културните работници – рече Васиќ-Бозаџиева.

Таа посочи дека актуелната законска формулација не обезбедува доволна основа за пресметување на платите, бидејќи предвидува основната плата и додатоците на плата да ги утврдува основачот на установата со општ акт, во согласност со прописите од работните односи.

Судијата потсети дека постапката била поведена на 8 април годинава и дека засегнатите страни имале време да ги разгледаат правните забелешки на Судот. Со одложувањето на примената на одлуката, како што посочи, им се остава дополнителен период за продолжување на колективното преговарање.

Колективниот договор за вработените во културата се применува од 2020 година, додека Законот за култура е донесен многу порано и во меѓувреме претрпел повеќе измени.