Повод: Денес во Охрид продолжување на процесот Брдо-Бриони
- Можеби дипломатскиот формат Брдо-Бриони не е место каде што државите учеснички ќе бидат обврзани да преземат одредени конкретни постапки. Можеби Брдо-Бриони не е место ниту за отворање нови финансиски инструменти или лансирање конкретни проекти, но Брдо-Бриони сигурно дава простор на отворени комуникациски канали за разговор и размена на искуства. Реалните можности на Брдо-Бриони во дипломатскиот потенцијал се одржување отворени политички канали на комуникација и кога
билатералните односи се оптоварени, а Брдо-Бриони во Охрид и претседателката Давкова сигурно ќе направат уште еден чекор во насока самитот да стане формат за усогласување на визиите за поголеми политички одлуки
Денес Охрид е во центарот на регионалната дипломатска сцена. На брегот на Охридско Езеро се одржува 15. самит на лидерите од процесот Брдо-Бриони, формат што повеќе од една деценија претставува една од ретките платформи на која претседателите на државите од Западен Балкан и Европската Унија можат непосредно да разговараат за иднината на регионот, без да мора секоја средба да заврши со конкретен политички договор. Домаќин на средбата е македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со коорганизаторите, претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ. На охридската средба учествуваат и претседателите и претставниците на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
Брдо-Бриони меѓу европската надеж, балканските недоверби
и политиката на отворени прашања
Значењето на Брдо-Бриони не треба да се мери само според дипломатскиот протокол, бројот на присутни претседатели или заедничката фотографија. Вистинската тежина на овој собир се наоѓа во поширокиот политички контекст на Западен Балкан, кој и натаму се наоѓа меѓу ветената европска перспектива и реалноста на бавните пристапни процедури, па и меѓусебните недоверби, а особено на билатералните спорови и сè поизразените геополитички влијанија. Во тој контекст Брдо-Бриони-Охрид денес е повеќе од место на одржување уште еден регионален самит. Тој е простор на кој повторно се отвора прашањето дали политичките лидери на регионот можат да изградат заедничка визија за иднината, дури и кога нивните држави имаат различни интереси, различна динамика на европска интеграција и нерешени историски и политички прашања.
Пресек на форматот Брдо-Бриони: Од словенечко-хрватска иницијатива до
регионална политичка платформа
· Процесот Брдо-Бриони започна во 2010 година како иницијатива на Словенија и Хрватска, со тогашната идеја дека „европската интеграција на Западен Балкан не може да се одвива изолирано од регионалната соработка, политичката стабилност и решавањето на билатералните спорови“.
· За потсетување, редовните средби на претседателско ниво започнаа во 2013 година, кога во Брдо кај Крањ се собраа лидерите на регионот, со учество и на францускиот претседател Франсоа Оланд. Од самиот почеток, иницијативата имаше двојна цел. Прво, да ја поттикне европската интеграција и, второ, да создаде политичка атмосфера во која регионалните несогласувања нема постојано да ја блокираат соработката.
· Средбата во Дубровник во 2014 година, со присуството на германската канцеларка Ангела Меркел, ја потврди важноста на европската политичка поддршка за регионот. Тоа беше период во кој европската перспектива сè уште се доживуваше како силен реформски и политички мотиватор, а присуството на високи европски претставници беше важна порака дека Западен Балкан не е оставен надвор од европскиот политички хоризонт.
· Во јуни 2015 година Будва беше домаќин на следната средба, на која присуствуваше австрискиот претседател Хајнц Фишер. Но само неколку месеци подоцна, регионот и Европа се соочија со сериозна безбедносна и хуманитарна криза. Затоа во ноември истата година беше организиран и вонреден самит во Загреб, на кој учествуваа претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, американскиот потпретседател Џо Бајден и австрискиот претседател Фишер. Мигрантската криза ја покажа практичната вредност на регионалната координација. Прашањата на границите, безбедноста, движењето на луѓето и заедничкото справување со кризни ситуации покажаа дека проблемите на Западен Балкан не можат да се разгледуваат само како внатрешни прашања на поединечни држави.
· Во Сараево во 2016 година, со присуството на италијанскиот претседател Серџо Матарела, повторно беа нагласени политичката стабилност, помирувањето и европската перспектива. Една година подоцна, на средбата во Брдо кај Крањ, со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер како специјален гостин, во фокусот беше забавувањето на процесот на проширување на ЕУ. Тука веќе се појавуваше првиот сериозен проблем на иницијативата. Имено, регионалните лидери беа повикувани да соработуваат и да ги решаваат споровите, но европската интеграција не се движеше со брзината што ја очекуваа земјите кандидатки.
Скопје, Тирана, Брдо, Тиват: Истите прашања во нови политички околности
· Во 2018 година Македонија ја презеде улогата на домаќин на самитот, во период кога државава се наоѓаше пред историски политички пресврт во односите со Грција и евроатлантските интеграции.
· Во 2019 година во Тирана повторно беше потврдена потребата од забрзување на европскиот процес, а Словенија најави организирање на следната средба во 2020 година. Пандемијата на ковид-19 ги одложи планираните активности и ја наруши динамиката на регионалните средби.
· Во септември 2022 година лидерите повторно се собраа во Брдо кај Крањ, со централна тема забрзување на европската интеграција на Западен Балкан.
· Во 2023 година Македонија уште еднаш беше домаќин на регионалниот формат. Декларација од Скопје ги обедини прашањата за забрзување на пристапувањето во ЕУ, климатските промени и задржувањето на младите во регионот. Особено беше нагласено дека проширувањето не е само административно прашање туку и геополитичка потреба за стабилноста на Европа.
· Во октомври 2024 година Тиват ја продолжи оваа дипломатска линија. Темите повторно беа подобрувањето на соработката меѓу Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, добрососедските односи и европската интеграција.
· Последниот самит пред Охрид се одржа во Драч, Албанија, на 6 октомври 2025 година, под мотото „Заеднички интереси, заедничка посветеност на заедничка иднина: Заедно кон ЕУ“. Учесниците тогаш ја нагласија потребата од помирување, регионална стабилност, справување со безбедносните предизвици и климатските промени, со посебен акцент на Планот за раст за Западен Балкан. Словенечката претседателка Пирц Мусар ја нагласи потребата од побрзо проширување, но без намалување на критериумите. Хрватскиот претседател Милановиќ, пак, отворено потсети дека овој формат не е место за донесување големи одлуки, отворање нови финансиски инструменти или лансирање конкретни проекти, туку пред сè простор за разговор и размена на искуства. Токму оваа изјава е важна за разбирање на реалните можности на Брдо-Бриони. Неговата сила не е во формалната моќ да ги обврзе државите, туку во можноста да одржува политички канали на комуникација и кога билатералните односи се оптоварени.
Европската интеграција – најголемата заедничка тема, но и најголемото разочарување
Ако се анализираат сите досегашни самити, се забележува една константа. Имено, европската перспектива постојано е присутна, но нејзиното остварување останува нерамномерно, непредвидливо и неизвесно. За разлика од Словенија и Хрватска, кои веќе се дел од Европската Унија, државите од Западен Балкан се наоѓаат во различни фази од интегративниот процес. Тоа создава асиметрија во рамките на самата иницијатива. Едни учесници зборуваат од позиција на земји членки, а други од позиција на држави што со години ги исполнуваат или се обидуваат да ги исполнат условите за членство. Македонија е особено чувствителен пример за оваа состојба. По долгогодишните политички компромиси и промената на државното име, европскиот пат и натаму е оптоварен со дополнителни политички условувања и нерешени прашања. Оттука, охридскиот самит има и посебна димензија за македонската дипломатија. Денешниот самит има можност повторно да ја отвори темата за кредибилитетот на проширувањето и потребата од предвидлив процес во кој исполнувањето на критериумите ќе биде проследено со јасна европска перспектива. Но, истовремено, не треба да се создава впечаток дека една регионална средба може да ги реши проблемите во односите со ЕУ. За тоа се потребни конкретни реформи, институционален капацитет и решавање на политички предизвици и внатрешно и на ниво на самата Унија.
Балканските внатрешни спорови
Другата голема димензија на процесот е прашањето за регионалното помирување. Односите меѓу Србија и Косово, внатрешната политичка структура и кризите во Босна и Херцеговина, билатералните несогласувања и историските спорови и натаму ја ограничуваат можноста за создавање вистински заеднички регионален политички простор. Во такви околности, значењето на Брдо-Бриони е токму во тоа што ги одржува контактите меѓу претставниците на државите и овозможува разговор и во моменти кога официјалните дипломатски канали се соочуваат со тешкотии. Можеби дијалогот не треба да се меша со решение, но е барем чекор кон решението и не е статус кво. Но вистинскиот тест за овој формат не е само колку често се одржуваат средбите туку и дали по нив следуваат промени во политичката комуникација, поголема доверба и конкретни чекори во решавањето на спорните прашања.
Охридскиот предизвик за малата земја на големи коридори
Годинашната средба се одржува во момент кога европската интеграција повторно добива нагласена геополитичка димензија. Сѐ уште актуелната војна во Украина, безбедносните предизвици, енергетската поврзаност, влијанието на надворешните сили и економската конкуренција ја менуваат позицијата на Западен Балкан во пошироката европска стратегија. Покрај проширувањето, на охридската агенда се и регионалната поврзаност, животната средина и создавањето подобри можности за младите. Овие теми покажуваат дека европската перспектива не може да се сведе само на преговори и поглавја, туку мора да донесе видливи придобивки во секојдневниот живот на граѓаните. Особено прашањето за младите е од суштинско значење. Регионот со години се соочува со иселување, демографско празнење и губење квалификувана работна сила. Без подобри економски можности, владеење на правото и функционални институции, европската перспектива ризикува да остане политичка формула без доволна општествена содржина.
За Македонија, домаќинството на самитот носи дипломатска видливост и можност за позиционирање како активен учесник во регионалните процеси. Не попусто Македонија во новиот дипломатски жаргон на големите е наречена малата земја на големи коридори. Но вистинскиот ефект ќе зависи од тоа дали земјава ќе успее да ја претвори оваа предност во поинтензивна регионална и уште поширока соработка и појасно артикулирање на сопствените, пред сѐ,европски приоритети. П.Р.


































