По повод сто и петгодишнината од раѓањето на Блаже Конески (1921–1993)

  • Охриѓанецот Ѓорѓи Капчев, припадник на борците на Гарибалди, по својата книга „Македонија или гласот на робот“ објавена во 1898 година во Загреб, го напиша следното: „Бугарскиот е дијалект на македонскиот јазик“. И, книгата доживеала две изданија истата година, а тој го издавал и весникот „Македонија“.

Затоа со право се истакнува и се подвлекува дека Блаже Конески неоспорно го зазема водечкото место не само како кодификатор на македонскиот литературен јазик, азбука и правопис туку и како граматичар и историчар на нашиот јазик. Од друга страна, тој е луциден полемичар што со својата научна аргументација ја побива бугарската негација – присутна веќе еден и половина век – докажувајќи дека негирањето на македонската национална и јазична самобитност од страна на источниот сосед претставува лажна конструкција и злонамерна постапка без никакви релевантни аргументи.
Конески како полемичар, бранејќи го научно и непоколебливо македонскиот литературен јазик, истакнува дека не се работи само за систем од граматички правила туку дека нашиот јазик во исто време е сликовит простор на колективното македонско паметење, долгата книжевна традиција и културна самобитност не само на македонскиот јазик туку во исто време и на македонскиот народ и неговиот идентитет.
Вториот значаен полемички текст на Блаже Конески носи наслов „Професор Мирчев против македонскиот правопис“ и е напишан и објавен како одговор во 1952 година. За подобро да се разбере оваа полемика, нужно е да се потсетиме кој е Кирил Мирчев. Оваа полемика директно е поврзана со него и со слободната асномска македонска држава и македонски јазик. Имено, во 1945 година во Комисијата за усвојување на македонската азбука и правопис се јавиле разногласија, кои прераснале во отворен судир меѓу членовите во однос на усвојувањето на некои букви во нашата азбука. Судирот излегол од комисијата и се проширил во јавноста. За да се надмине ваквата ситуација и да се стави крај на судирот, Лазар Колишевски, тогаш претседател на првата Влада на НРМ, презел конкретен чекор. Тој сведочи: „Со цел конечно да ги завршиме работите на азбуката, во Софија ја упатив сопругата Лилјана Чаловска, кај Кирил Мирчев, нејзин вујко. Контактирав и со Александар Белиќ во Белград. Кирил Мирчев преку Чаловска ни порача: ’Нека ви е со среќа, ама јас не можам тука ништо, не можам да откажам откај што сум‘, па ништо конкретно не ни придонесе“, сведочи Колишевски и додава: „Со Белиќ се сретнав во Белиот двор во Белград. Разговаравме за азбуката. Тој на една хартија ми ги нацрта буквите на Крсте Мисирков и ми рече: ’Еве ви, што има да барате други‘“.

Што се однесува, пак, до Блаже Конески – кому Кирил Мирчев му бил професор по предметот Историја на бугарскиот јазик додека студирал во Софија (каде што и дипломирал во 1944 година) – во својот одговор во полемиката со Мирчев тој го истакнува следново: „После тој настапи (со свој текст, м.з.) лошо против нашиот јазик, јас бев должен да му одговорам. Мене ми е жал, што тој се јави во таквата улога. Некои дури после ми објаснуваа дека тоа не дошло по негова иницијатива. Но, добро, фактот е факт. Ние моравме да дадеме одговор“. Со одговорот во полемиката, Конески покажа дека ученикот го надминал со знаење својот учител.
Како што понапред истакнавме, бугарскиот лингвист од македонско потекло, роден во Битола, дали самоиницијативно, по нарачка или под притисок, во дневниот весник „Отечествен фронт“ од 13 април 1952 година, го објавил својот авторски текст со наслов „Како скопските титовци го посрбија македонскиот правопис“. Во статијата посветена на македонскиот правопис, Кирил Мирчев истакнува дека наводно правописот е резултат на политичкото влијание што дошло од Белград, по барање на Милован Ѓилас. Со ваквото тврдење, тој неосновано го негира фактот дека македонскиот правопис е резултат, пред сѐ, на македонската јазична традиција, а прифатен од Комисијата за азбука и правопис во 1945 година. Македонскиот правопис од оваа година имал само 20 страници. Но неминовниот процес на стандардизација на македонскиот литературен јазик не завршил со донесувањето на првиот правопис на македонскиот литературен јазик (1945 година) туку веднаш новите научи сознанија биле внесени во второто издание на Македонскиот правопис, кое има 175 печатени страници и е проширено и дополнето со новите измени објавен во 1950 година. Историскиот факт е дека македонската азбука на 5 мај и македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година биле усвоени како официјални државни документи, фундирани врз фонетскиот принцип „еден глас – една буква“, што се обидува недолично да го негира Кирил Мирчев.

Лингвистот Блаже Конески во својата полемика, одговарајќи му на проф. Мирчев, истакнува дека не е важно дали македонскиот правопис има сличности со српскиот јазик, туку, напротив, значаен е фактот дека избраните фонетски особености и морфолошки карактеристики на македонскиот говор одговараат на потребите на современиот македонскиот литературен јазик. Неговиот одговор е категоричен, научно аргументиран и поткрепен со лингвистички докази. Тоа се однесува и на избраните правописни решенија, кои, за волја на вистината, не само што одговараат на потребите на јазикот туку и беспрекорно го потврдуваат гласовниот – фонетскиот систем на македонскиот јазик. Очигледно е дека професорот Кирил Мирчев во својот текст се потпира само на сопствените оспорувања и конструкции. Наспроти тоа, Конески дава одговор на академско ниво, поткрепен исклучиво со неоспорни лингвистички аргументи, особено во однос на фонолошката оправданост на избраните букви во македонската азбука и македонскиот правопис. Ова на најдобар начин ги легитимира самостојноста и оригиналноста на нашиот јазик.
Во својата полемика и критика кон професорот Кирил Мирчев (да потсетиме чиј поранешен студент бил Блаже Конески), сега како дипломиран филолог и лингвист, еднакво и македонист, тој научно и аргументирано му ја побива уште и тезата што се однесува на трисложниот акцент, како оригиналност и посебна особеност и карактеристика присутна во македонскиот литературен јазик. Акцентот, по правило, паѓа на третиот слог од крајот на зборот, но постојат и исклучоци, е ставот на Конески.
Исто така, аргумент содржан во критиката на Мирчев е буквата „ј“ во македонската азбука. Токму оваа буква Мирчев ја зема како неуспешен пример во македонскиот јазик, настојувајќи да докаже дека со неа и на дело е извршена србизација на македонската азбука, со што се потврдува наводна србизација на македонскиот јазик. Конески, во својот препознатлив стил, нудејќи несоборлив аргумент не го навредува својот поранешен професор поради неговите лингвистички заблуди, туку напротив, само му укажува дека со буквата „ј“ во македонскиот јазик е овозможено поедноставно и појасно да се претстави соодветниот глас, во споредба со посложените графички/графемски решенија во другите словенски јазици. Но, за жал, Мирчев не застанува само на буквата ј, туку неговиот негаторски однос продолжува нудејќи нови примери за оспорувања, земајќи ги за критика буквите љ и њ, како и ќ и ѓ, на кои им посветува посебно внимание за нивното присуство во македонскиот јазик. На оваа неоснована критика од Мирчев, Блаже Конески одговара поврзувајќи го прашањето со јазичната автономија на секој народ, вклучувајќи го тука и македонскиот.

Притоа, тој му укажува на својот поранешен професор дека ставањето акцент (како посебен графички белег) врз овие букви е сосема легитимно, па во оригиналниот текст нагласува: „Нивно право е (во бугарскиот правопис, м.з.) да си пишуваат како што сакаат, исто како што е наше право да пишуваме како што ние сакаме. Секој народ има неприкосновено право самостојно да ја утврдува и развива својата стандардна јазична форма“.
Овој несомнено значаен афирмативен лингвистички став на Блаже Конески само оди во прилог на тезата што е присутна во современата социолингвистика, според која, секој народ има неприкосновено право да си ја утврдува и да си ја развива според своите потреби својата стандардна јазична норма. Но уште една буква од македонската азбука му пречи на професорот Мирчев. Се работи за вокалното „р“ во македонскиот литературен јазик. Одговорот на Конески е исклучително логичен и научно аргументиран. Имено, овој модел е содржан во фонолошкиот систем на централните и западномакедонските говори од македонскиот кодифициран јазик. Ова е суштинскиот лингвистички аргумент што го застапува Конески. Тој го објаснува ова правописно решение преку гласовната структура на македонските говори, а не преку политичкото потекло на графичкиот модел што го истакнува Кирил Мирчев.
Во својата полемика, односно во одговорот на пишувањата на професорот Кирил Мирчев, Конески се осврнува и на неговите посебни забелешки за македонскиот правопис, задржувајќи се особено на прашањето за едначењето по звучност, односно бележењето на согласките. Притоа, Мирчев подвлекува дека ваквите решенија претставуваат правописна недоследност. На оваа забелешка, Блаже Конески укажува дека во различни фонетски позиции можат да важат различни правописни принципи. Тоа значи дека во македонскиот правопис зборот ја зачувал својата основна звучна согласка, иако таа, според него, во изговорот може да се обезвучи. И на крајот, Конески, во полемиката со Мирчев, подвлекува дека не ја оспорува блискоста меѓу бугарскиот и македонскиот јазик, како и блискоста на македонскиот со српскиот јазик туку, напротив, истакнува дека таа веќе порано научно е објаснета од македонските лингвисти, а тоа значи дека македонскиот правопис не може да се оценува единствено според сличностите со српскиот или разликите со бугарскиот правопис, затоа што прашањето поставено така ги оневозможува сличностите и разликите во однос на другите словенски јазици.
Во овој свој полемички одговор против пишувањата на софискиот професор Кирил Мирчев и неговото негирање на самостојноста на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески го цитира францускиот лингвист Андре Вајан, кој Мирчев го користи во своите оспорувања на нашиот јазик. А францускиот светски познат лингвист Вајан подвлекува дека „македонскиот јазик е доволно независен што е тешко од него да се направи прост дијалект на бугарскиот јазик“. Речено е, но нека се повтори следното: Блаже Конески во својата творечка работа ги антиципира сите претходници што пишувале за Македонија и за македонскиот јазик, историја, фолклор, култура и традиција и создаде (сублимира) капитално македонско јазично дело, инспирирано и посветено на преродбениците и просветителите и е дарување до сите следни и идни генерации македонски народ.

На крајот, покрај прекрасната и оригинална мисла на Андре Вајан, колку за потсетување ја додаваме и дефиницијата на охриѓанецот Ѓорѓи Капчев, македонски револуционер и припадник на борците на прославениот Гарибалди. Тој во 1898 година во својата книга „Македонија или гласот на робот“ издадена во Загреб го дефинира следното: „Бугарскиот е дијалект на македонскиот јазик“. Книгата доживеала дури две изданија, а Капчев го издавал уште и весникот „Македонија“. За сите што сакаат да читаат, а не да измислуваат бесмислици, појасно од ова – нема. Но ова не нѐ ослободува од аманетот на Конески, кој ни порача „Македонци, бидете на штрек“, а тоа значи дека нема простор за нови предавства.

Мишо Китаноски

(крај)