Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на собраниската надзорна расправа за Алта банка изјави дека шефот на државата нема законски надлежности во постапките за издавање или одземање банкарски дозволи, давање согласности, спроведување супервизија и воведување администрација во банка. Таа нагласи дека овие прашања се исклучиво во надлежност на Народната банка.
Одговарајќи на прашањата на пратениците Соња Мираковска и Никола Мицески, Силјановска-Давкова посочи дека независноста на централната банка е утврдена со Уставот и законите, додавајќи дека ниту таа, ниту нејзиниот кабинет учествувале во процедурите поврзани со Алта банка.
– Немам надлежност ниту за издавање и одземање дозволи, ниту за давање и повлекување согласности, банкарски супервизии, супервизорски мерки или воведување администрација во банка. Сите овие прашања се во надлежност на органите на Народната банка – истакна претседателката.
Осврнувајќи се на својот предлог Трајко Славески да биде избран за гувернер на Народната банка, Силјановска-Давкова рече дека одлуката ја донела самостојно, врз основа на неговите професионални и академски квалификации.
Таа посочи дека пред да го достави предлогот консултирала повеќе експерти од областа на економијата и банкарството, поранешни гувернери, професори и претставници на академската јавност.
Според претседателката, Славески ги исполнува законските услови за функцијата, а неговото долгогодишно професионално искуство, академска и меѓународна кариера биле клучни за нејзиниот избор.
Силјановска-Давкова ги отфрли тврдењата за поврзаност меѓу нејзиниот предлог за гувернер и влезот на Алта банка на македонскиот пазар, оценувајќи ги таквите наводи како „бизарни“ и „бесмислени“.
Во одговорот до пратеничката Мираковска, претседателката појасни дека нејзината уставна улога во предлагањето кандидат за гувернер не создава хиерархиски однос меѓу шефот на државата и гувернерот.
– Претседателот предлага, Собранието избира. Гувернерот не одговара пред претседателот што го предложил, туку постапува во рамките на своите уставни и законски овластувања и е одговорен пред Собранието – нагласи Силјановска-Давкова.
Таа додаде дека претседателот би можел да биде вклучен во постапка поврзана со Народната банка единствено во евентуален процес за разрешување на гувернерот, но не и во редовните процеси на одлучување и работење на централната банка.
































