Фото: „Нова Македонија“

По повод сто и петгодишнината од раѓањето на Блаже Конески (1921–1993)

  • Охриѓанецот Ѓорѓи Капчев, припадник на борците на Гарибалди, по својата книга „Македонија или гласот на робот“ објавена во 1898 година во Загреб, го напиша следното: „Бугарскиот е дијалект на македонскиот јазик“. И, книгата доживеала две изданија истата година, а тој го издавал и весникот „Македонија“.

Овие зборови Блаже Конески ги изговори во Велес, на 24 ноември 1988 година (значи, пред 38 години), кога ја примаше наградата „Рациново признание“. За волја на вистината, настанот што се одржа во киното „11 Октомври“ беше неповторлив. Великанот од Небрегово, чие здравје полека откажуваше, со помош на пријатели полека се искачи на бината и, од кога зеде што се вели здив, го подигна високо бастунот и ја извика пораката упатена до сите нас: „Македонци, бидете на штрек“. Ова негово сериозно но загрижено предупредување веднаш стана аманет упатен до сите македонски генерации (дотогашни, тогашни и идни), зашто годините потоа се претворија во горчливи апчиња, кога беа потпишани антимакедонските договори од владите што беа избирани во независната и самостојна македонска држава.
Тие антимакедонски договори ја поткопуваат Република Македонија и ги рушат македонската самобитност и унитарност. Која политичка гарнитура на партија ќе дојдеше на власт, вршеше за жал и за несреќа велепредавство на македонскиот народ и нашиот идентитет. Така што велепредавствата толку многу се намножија што едноставно станаа тегобност во нашата секојдневна живеачка. Албанската уфрлена паравојска посегна во фингирана војна да ја прави голема Албанија, поддржана во тоа од меѓународната заедница и финансирана од (не)познати извори. Со договорот, пак, од Нивици не само што ни го сменија и унакажаа името туку се потврди она што одамна го беше рекол за Елините, вториот Хомер, охриѓанецот Григор Прличев. Тие се: „Лицем светци, срцем волци“. И, уште што да се прави, кога блиску век и половина источниот сосед Бугарија без повод сѐ ни негира: македонската нација, јазик, историја, култура, фолклор, традиција, а ние потпишавме договор – окупаторот ќе го внесуваме во Уставот.
Визионерот Блаже Конески, повеќе од сигурно е, како ретко кој од нас, го чувствувал идното време исполнето со велепредавства, па рече и прорече: „Големо ни е името, а ние сме мал народ, ќе посакаат да ни го земат“. И, ни го зедоа името, ама на хартија, белки не ни го искорнаа од македонските срца. За таквите велепредавници, Конески во песната „Молитва“ го испеа следното „спаси ме боже од болните луѓе, очите да не им ги бодам, тие лево, јас десно да одам“.

Коминтерната (Комунистичката интернационала со седиште во Москва) во 1934 година најпосле го призна историското постоење на македонскиот народ и на македонскиот јазик, додека Информбирото (Интернационалното биро на комунистичките партии од источните држави со седиште во Букурешт) тие одлуки ги „поништи“ летото 1948 година. Информбирото беше формирано од страна на тогашниот СССР и неговата КПСС на чело со Сталин, а членуваа сите КП од источните држави и беше насочено против авнојска федеративна Југославија и КПЈ на чело со Ј.Б. Тито. Политичките и економските односи беа веднаш прекинати и започна жестока кампања против политиката на авнојска Југославија, како и кон идејата за обединување на Пиринска Македонија кон НР Македонија.
Со информбировскиот диктат беа поништени одлуките на Х проширен пленум на БКП, одржан во август 1946 година, кои директно се однесуваа на националната културно-просветна автономија што почна да се реализира во Пиринска Македонија, како дел од подготовките за обединување кон НР Македонија. На овој пленум на БКП, првиот човек на Бугарија Ѓорѓи Димитров рече: „Не постојат три Македонии, постои една Македонија и ние треба да работиме за нејзино обединување“. Но, за жал, со Информбирото во 1948 година беше укината националната културно-просветна автономија во Пиринска Македонија под Бугарија и се забрани да се биде Македонец. Така, во Пиринска Македонија се укина наставата што од декември 1947 година почна да се изведува на македонски литературен јазик во основните и средните училишта, беа симнати од репертоарот на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја (денес Благоевград) театарските претстави што се изведуваа на македонски литературен јазик, веднаш беа затворени трите книжарници „Македонска книга“, а македонските книги беа запленети и уништени и беше укината страницата што се печатеше на македонски јазик во весникот „Пиринско дело“, а беше и строго забрането да се зборува на македонски литературен јазик. Македонците што ќе го прекршеа тоа беа строго казнувани и прогласувани за предавници на „бугарското дело“ и др. Поради дивеењето на Информбирото, македонските (101) учители, кои отидоа по барање на Министерството за народна просвета на Бугарија, беа истерани од под гордиот Пирин и настапија политички лов и линч на сите оние пирински Македонци што беа носители и активно вклучени во реализацијата на националната културно-просветна автономија во Пиринска Македонија до летото 1948 година.
Со тоа, политиката што дотогаш ја водеа Отечествениот фронт и БКП на чело со Ѓорѓи Димитров беше тотално негирана, а беше поддржана новата антимакедонска политика прокламирана на XVI пленум на БКП одржан во 1948 година. Од тогаш прокламираниот тоталитарен режим, кој го презеде Тодор Живков и го надгради прогонот кон сите што се декларираа како Македонци, стана политичка антимакедонска стварност и максимално се засили бугарската пропаганда против НР Македонија.

Во едно вакво зовриено време од непријателство, во кое од Бугарија и од Албанија во НР Македонија се уфрлаа поединци и групи да прават атентати и други непријателски акти, организацискиот секретар на ЦК на БКП Георги Чанков се обиде да фати чекор со новиот режим. И, „самиот се посипа со пепел на главата“. Имено, тој на 9 октомври 1947 година во весникот „Работническо дело“ објави подолг текст во кој искрено ги истакна остварените придобивки од националната културно-просветната автономија на македонскиот народ во Пиринска Македонија. Но по Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, тој за жал ја сврти капата и се јави повторно, но овој пат со нов текст на истиот датум и во истиот весник, само сега една година подоцна – во 1948 година. И објави нов опширен текст во кој истури многу негирања, непријателства и бесмислици насочени против македонскиот народ, неговиот македонски јазик, идентитет, култура, фолклор, традиција и др.
По повод овој бескрупулозен и крајно негаторски и неаргументиран напад на сѐ што е македонско, се јави Блаже Конески со својата книга „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, која излезе од печат есента 1948 година во Скопје, во тираж од 5.000 примероци. Тој тогаш имаше само 27 години и ја започна својата нова творечка активност и ангажираност, односно политичко-лингвистичката полемика со Георги Чангов, сѐ уште организациски секретар на ЦК на БКП. Се покажа дека за храбрите времето секогаш работи, но најмногу иднината. Учеството на Блаже Конески во полемиката што се јави во 1948 година може да се рече дека е „изнудено“, но се покажа дека било потребно за уште еднаш и на дело да се потврдат постоењето и афирмацијата на македонскиот литературен јазик. Тоа пред сѐ се однесувало на растурањето на постојната јазична магла во бугарската научна и општествена стварност дека македонскиот јазик е „дел од говорите што го составуваат бугарскиот јазик“, дека е „вештачка измислена форма“, но и дека уште е „измислица на Ј.Б. Тито и на Белград, а посебно на Милован Ѓилас“. И ред други такви и слични дневнополитички негаторски пропагандни и несмасни бесмислици.
Лингвистичката теза на Б. Конески во неговата книга како одговор на Чангов е дека македонскиот јазик не настанал како произволна политичка конструкција туку, напротив, тоа е резултат на долгиот македонски историски развој во целина и посебно на нашиот јазик. За ова, неговиот одговор гласи: „Може ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна дури измислена. Се разбира дека не може“. Суштествено во оваа мисла е дека се неминовни два фактора што ги изодел македонскиот јазик низ историјата, а тоа се: неговото постоење и развој како јазик и неговата стандардизација. Со стандардизацијата (што е научен и општествен процес) се избрани и номинирани правописните, граматичките и лексичките правила, со кои се потврдува староста на македонските народни говори, нивните посебни структурни особености, како и книжевните постигнувања што имаат подолга историја. Всушност, македонскиот јазик се темели врз фонетскиот принцип еден глас – една буква. Примерите за оваа констатација Конески ги црпел од напишаното и објавеното од страна на македонските преродбеници и просветители од ХIХ и првата половина на ХХ век.

Во продолжение на својата полемика со политичарот Георги Чангов, лингвистот Блаже Конески истакнува дека македонскиот јазик не е само отворен комуникациски систем туку тој е и носител на националната и културната самобитност на македонскиот народ и неговиот идентитет. Конески уште нагласено укажува во полемиката на фактот што Георги Чангов не можел да разбере дека јазикот и нацијата не се и не може да бидат идентични категории. Напротив, потенцира Конески, постојат нации со повеќе јазици, но постојат и јазици што ги употребуваат повеќе нации. Според тоа, секоја нација не мора исклучиво да има свој јазик, па оттука на македонскиот народ не може и не смее да му се одрекува правото да има свој јазик и непречен развој, што овозможува да развива своја автентична односно оригинална литература, култура и наука.
На критиката на Чангов, кој нема ни основно лингвистичко знаење, а пишува и истакнува дека во македонскиот јазик се присутни уште и србизми, со што јазикот наводно се србизирал, Конески луцидно одговара дека „тоа е наша внатрешна работа што и како ќе земеме во нашиот јазик, затоа што јазиците не се затворени системи, туку тие (јазиците) се подложни на проширувања преку постојни контакти, заемки, семантички влијанија и структурни промени. Оттука, присуството на србизми или бугаризми во нашиот, македонски јазик, ништо не е доказ дека македонскиот е варијанта на српскиот или на бугарскиот јазик“.
Полемичкиот текст на Блаже Конески „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ во основа е составен условно од два „дела“. Во првиот „дел“ се цитирани делови од текстови на тогашни актуелни политичари чии имиња одамна се избришани од историјата. Што се однесува до споредбата за историските патишта на двата јазици, македонскиот со украински јазик, Конески подвлекува дека слични појави за негирање на постоењето и на други словенски јазици доаѓа пред сѐ од политички побуди, кои треба да се надминат и спречат. Споредбата со негирањето на постоењето на македонскиот и украинскиот јазик, Конески успешно ја надминува со ставот дека научното постоење од една и историската аргументација од друга страна се доволни аргументи за таквите исклучително непријателски ставови и мислења по ваквото јазично прашање. Полемичкиот и историски аргументиран став на Блаже Конески за потеклото на македонскиот јазик апсолутно е категоричен дека не е „вештачка творба“ туку, напротив, дека станува збор за след на историски и општествен развој, кој продолжува до формирањето на постојната македонска јазична основа во слободната македонска држава.

Мишо Китаноски

(продолжува)